Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во дневникот на Алфа телевизија говореше околу законот за попис кој со европско знаменце и без консензус се изгласа во Собранието. Тој истакна дека со овој закон, со кој веќе се договорени процентите помеѓу коалиционите партнери СДСМ и ДУИ нема да има реална слика на бројот граѓани кои живеат во Република Македонија. Затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе отпочне иницијатива за собирање на потписи од граѓаните за укинување на овој закон за попис и носење на нов.
-Опозицијата во рамките на парламентарната дебата поднесе повеќе од 30 амандмани и ниту еден не беше прифатен. Ако сакаше Владата да има инклузивен процес и да биде вклучена и опозицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ тогаш тоа и ќе го стореше. Очигледно е дека сакаше на насилен начин со злоупотреба на европското знаменце да го истурка овој процес на попишување на населението. А зошто тоа го правеше? Ние имаме основано сомневање но, деновите кои што следат треба самата Влада да излезе во јавноста како тоа планира да го спроведе, бидејќи и многу време немаат за да се спроведе кредибилен попис кој што треба да биде завршен во април месец годинава, рече Мицкоски.
Понатаму, продолжи тој предложивме како ВМРО-ДПМНЕ да бидат аплицирани терминали за вчитување на отисоци од прсти – нешто што треба за шест месеци потоа да биде применето на локалните избори. Но, и тоа беше одбиено од страна на парламентарното мнозинство.
-Иако преку канали на комуникација им кажавме дека ја имаат нашата недвосмислена поддршка да ги набават тие терминали. На тој начин граѓаните би биле на некој начин посигурни и би имало повеќе доверба и дека вистински се работи за статистичка операција на населението кое што е тука, односно присутно резидентно население. Видов како Зоран Заев преку оној негов слуга во Државниот завод за статистика зборува, па вели не било тоа за сите граѓани еднаков третман бидејќи имало граѓани кои што се уште не го депонирале својот потпис во МВР, да точно има и такви граѓани, но затоа пак има извод од матичната книга на родените кој што можат да го приложат кога ќе дојдат попишувачите и на тој начин ќе се зголеми довербата, ќе се зголеми учесноста на сите политички и општествени чинители во оваа операција, посочи Мицкоски.
И конечно, рече Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ силно се спротивставува, ако е ова навистина статистичка операција, тогаш зошто сметачка машина не ги вкрсти базите на податоци и со едно притискање на ентер да излезат резултатите туку мора да има двоен потпис. За да знаат граѓаните што значи двоен потпис, тоа значи потписот на овој слуга на Заев за кој што Зоран Заев збори во јавноста – директорот и заменикот кој што е практично номинација на ДУИ.
-Зошто е потребен тој двоен потпис ако навистина сакаме да имаме статистичка операција. Тогаш можам да заклучам дека оваа операција е се, само не е статистичка операција, туку е политичка и практично процентите веќе некој ги знае, а овој двоен потпис е само за секој случај да бидеме сигурни дека тоа што сме го договориле и сме подале рака како коалициони партнери дека така ќе биде. И доколку некој измрда од овој договор, тогаш тука е двојниот потпис и нема тоа да го признаваме. Тоа го артикулираат високите претставници во Владата, како што е Арбер Адеми кој изјави дека доколку албанците не се над 20 проценти, тогаш тие нема да го признаат пописот. Ова само по себе вели дека не статистичка операција туку е политичка. Тоа не им треба да граѓаните. Не им треба дополнителни национализми и враќање во минатото. Туку нас ни треба иднина. Иднината може да се обезбеди само со статистичка операција со прифаќање на некои од тие амандмани кои што ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе во рамките на таа расправа во Собранието. И на тој начин ќе ја планиравме и економијата и образованието и земјоделието во иднина и така натака, дециден е Мицкоски.
Околу апстинирањето на пописот, Мицкоски рече дека секој граѓанин има право на избор. И тие што ќе одлучат да апстинираат и тие што ќе одлушат да се попишат, тоа е избор на граѓаните.
-Но, она што е симптоматично е кога го слушаме министерот за здравство кој што вели дека било безбедно во екот на пандемијата да се случи оваа операција и покрај тоа што Обединетите нации имаат препорака и велат дека не е безбедно во рамките на пандемијата да се случува пописна операција. А потоа да не убедуваат со министерот за внатрешни работи дека не треба повеќе од четворица да се собираме дома. Еве ние сме четворица во семејството и како ќе ги примиме попишувачите кои ќе ни тропнат на врата. Ќе чекаме веднаш потоа да дојде “марица” сите да не испоапси затоа што сме повеќе од дозволеното и кое што е пропишано со протоколите. Една Германија и други држави во светот веќе ги одложија овие пописни операции, вели Мицкоски.
Апсолутно немаат никаков план, ниту пак имаат стратегија, само покажуваат некакви мускули и без потреба од статистичка ја направија политичка операција. Дали граѓаните ќе ја отворат вратата или нема, буквално според мене е сеедно. Затоа што процентите веќе некој ги договорил, а двојниот потпис е само да се обезбеди сигурност. ВМРО-ДПМНЕ чека овој закон да излезе во Службен весник и апелираме до Стево Пендаровски да не го потпише, иако не очекуваме дека нема да го потпише, бидејќи тој е уште еден слуга на Зоран Заев. Откако ќе излезе тогаш ќе имаме правна основа да почнеме правна процедура. Најпрвин пратеничката група ќе ги депонира своите потписи, а ги повикуваме и другите политички субјекти кои се дел од парламентот. Но, нема да ја депонираме до претседателот на Собранието туку, во подрачните единици на Министерството за правда. Очекуваме масовна поддршка од граѓаните, истакна Мицкоски.