Општините да не се надеваат дека бланко ќе ги добијат и ќе може да си ги трошат како што сакаат 250-те милиони евра наменети за капитални проекти за локалната самоуправа, туку тие ќе легнат на специјална сметка, а ќе се исплаќаат само по добиените фактури по завршената работа – порача премиерот Христијан Мицкоски.
Тој се сложува со предлогот на бизнисмените дека не смее да им се даваат пари на рака на општинските власти, па тие од нив да си исплаќаат плати и други трошоци, а државата да плаќа камати за нив. Премиерот се пофали дека во изминатите триесет дена од новата Влада се посветиле да исправат некои погрешни одлуки од претходната власт, а една од најважните работи според него е што воспоставиле успешна економска соработка со држава членка на ЕУ и на НАТО и добиле поволна позајмица.
Тој најави дека многу скоро министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска ќе оди во Будимпешта да го потпише договорот за позајмицата од 500 милиони евра од унгарската Влада, а тој потоа ќе се најде во Собранието. Ако сè оди според планот, Мицкоски најави дека во првиот месец од есента, парите од овој кредит ќе им бидат на располагање на компаниите. Во меѓувреме ќе се разговара за условите со комерцијалните банки и со Развојната банка, за да се види што е најповолно, а се надева и дека ќе продолжи успешната економско-деловна соработка со Унгарија, за да не се издава нова еврообврзница.
Само готови проекти со добиената дозвола за градба, што ќе рече со комплетна документација и дури по пристигнатите фактури за завршената работа ќе може да сметаат на овие средства – додаде Мицкоски.
Тој ги повика домашните компании интензивно да се вклучат во овие капитални проекти, оти целта е да се развива домашната економија. Како дел од успешниот прв месец од нивното владеење, премиерот се пофали со откажаната арбитража од страна на кинеската компанија „Синохидро“ за автопатот Кичево – Охрид, со што се заштедени стотици милиони евра во Буџетот.