Лудилото продолжува. Тоа што вчера го најавивме, денеска има свој продолжеток. Оваа криминална, непотистичка и насилничка власт, го покажува вистинското свое лице преку институциите со кои раководи, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој беше во ГОБ „8-ми Септември“ со цел да го посети претепаниот Јанакиески, но беше спречен од затворската полиција.
-Денеска се жртви Спире и Миле, утре ќе биде жртва секој еден од вас. Затоа треба секој да си го постави прашањето во каква држава сака да живее и каква влада сака да ја управува оваа држава. Денеска ова што се случи е преседан во поновата историја на Република Македонија. Државата не успеа да ги заштити животите на двајцата притвореници и за ова треба да има одговорност. Не само од оние структури на ниво на позорникари и обезбедувањето, туку конечно треба да носи одговорност најповиканиот за сето ова, премиерот, деспотот Зоран Заев, министерот за внатрешни Оливер Спасовски и министерката за правда Рената Дескоска. Ова е преседан од историски размери. Од денес почнува насилничката историја на Република Македонија да се испишува, порача Мицкоски.
Тој потенцира дека деспотот Заев тоне, а во тоа тонење повлекува се со себе.
-Веднаш оставка од овие луѓе, формирање на Влада за спас на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги информира меѓународниот фактор, Комитетот за заштита и превенција од тортура при Советот на Европа и сите релевантни институции. Рацете на Зоран Заев се крвави и не постои вода која што ќе може да ги испере, порача Мицкоски.
Мицкоски порача дека граѓаните на Република Македонија ова нема да го заборават.
-Ако е ова примерот на демократските институции, ако е ова е животот кој се донесе во Македонија, нека им служи на чест. раѓаните на Република Македонија ова нема да го заборават и за сите овие злодела ќе ги казнат насилниците и сторителите. Уште повеќе ме загрижува фактот што никој не најде за сходно да излезе и да ја признае грешката пред македонската јавност, туку напротив, преку евтин ПР се втурнуваат луѓе во дополнителни проблеми, во дополнителна жива кал, да правдаат нешто со изговори кои не постоеле. Замислете, Миле и Спире, луѓе кои во животот мравка не згазиле, ги провоцирале луѓето кои ги нападнале, ги измасакрирале и со модрици ги пратиле во болниците во Република Македонија, рече Мицкоски.