Додека трае споменот за Илинден ќе трае и Македонија, зошто Илинден е нашата епска битка, нашето македонско верују, нашата библија, и нашиот крст кој ние со исклучителен пиетет го прифаќаме и носиме. Двата Илиндена не беа создадени за да не успееме, туку за да живее идејата која донесе слободата, а слободата денес е платена со крв, пот, солзи и многу животи. Ете толку е скапо она што ни го донесоа двата Илиндена и толку е голема нашата обврска да успееме.
Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој денеска се обрати од струшкото село Ташмаруниште по повод Денот на републиката.
-Знам дека ова време се најтешките години од независноста до денес, но сетете се колку им било тешко на грамадните Илинденци да кренат востание против најголемата империја, и асномците да се борат против дотогаш најголемата воена сила некогаш позната во човештвото. Голораки, против најголемите, но со срце пламено, со храброст грамадна.
Илинден е на сите, и затоа денес Македонија мора да биде земја за сите. И затоа мораме да успееме како земја и не смееме да се задоволуваме со просечни работи, а во ова тешко време просечноста ни изгледа добра, бидејќи си имаме работа со најлошите што некогаш се појавиле на нашата политичка сцена.
Не знам за овие од власта, но за мене, и за ВМРО, како и за срдечниот, напатен и чесен народ неуспехот не е опција, а победата зависи само од нас самите.
Срамно е што за прв пат во триесет години независност ја променија прославата за Илинден. На Мечкин Камен нема говор, едно затоа што немаат што да кажат, друго затоа што се плашат од народот кој ќе им каже што мисли за нивното владеење. Стево Пендаровски не може да биде точката на обединување, тој е точката на разделување. Зошто е точката на разделување? Затоа што човекот фати страна и реши да молчи тогаш кога требаше да биде гласен. Кога имаше изборни фалсификати, кога требаше да се спротивстави на лошите закони, кога Заев си договараше промени на сметка на идентитетот. Јас не би бил искрен, и ќе го разочарав народот ако денес бев заедно со нив, и би послужил на таквиот декор, а тие вечер ќе си продолжеа со нивниот традиционален криминал. Одбрав да бидам тука меѓу вас во Ташмаруништа, меѓу народот.
Македонија е европска земја, и нашето место е токму таму, во семејството на Европската унија, а она што за Заев сега е Европа, и го вика Мини Шенген, тоа само значи дека донел уште еден пораз за државата и не е способен да ја исполни нашата најголема стратешка цел, членството во Унијата.
Париз, Брисел и Берлин, не може да бидат, со должно почитување кон нашите соседи Врање, ниту пак Драч. Но, гумата за спасување на Заев која се вика Мини Шенген е само доказ колку државава тапка во место, и колку имаме неуспешна влада.
А уште е понепријатно кога ќе го видите премиерот на сопствената земја во друштво на мојот пријател Вучиќ и Рама како се труди да најде барем еден проект во главниот град за да се пофали дека нешто сработил, нешто изградил изминативе 4 години, а всушност ги фали проектите на владите на ВМРО-ДПМНЕ. Навистина е тешко да се гледа туѓиот срам. На човек му доаѓа да се срами од туѓиот срам.
А светот незапирливо оди напред. Веројатно таму на Бихаќка, календарот застанал во 2017-та година, па тоа најдобро се гледа и во кадрите кои ги нудат за градоначалници, стари кадри, стари принципи на работа, истрошени луѓе, исти ликови од времето на транзицијата. Никаква инвентивност, ниту пак некаква надеж дека може нешто да сменат. Заев ќе рече му требало енергија, не господине Заев вас ви треба календар да за да разберете дека сега е 2021-та година, и уште неколку месеци сте премиер во Република Македонија.
Македонија не е касаба на неколкумина од власта. И тука лежи и мојот порив да ги смениме работите. Македонија е на сите луѓе, и Македонија ќе ја направиме за сите луѓе. Еден пријател кој ме познава поодамна, ми рече добро Христијан гледај со кого си имаш работа, со Зоран Заев кому Горни Милановац е најсеверната точка на бизнис кариерата, постојано си мета на црна пропаганда, а на мравка не си згазнал. Трпиш навреди, невистини кон тебе и твоето семејство, што се вели гомила неправди, сопки, закани, разочарувања, а светот може да ти е на дланка. Мојот одговор беше едноставен, ако сите си заминеме и кренеме раце, тогаш го разочаруваме својот народ, но и своите семејства. Не се тие посилни од нас, и нема да бегаме од намерата да се спротивставиме, да ги поразиме и да ја смениме судбината на сите идни генерации и наши деца. Нема повлекување, нема наведнување на главата ќе се бориме и одиме до крај до последно.
Не се тие посилни ниту од мојата, ниту од заедничката посветеност и одлучност до последниот здив да се бориме и да ја смениме оваа наша тешка реалност, ова наше тешко секојдневно политичко мочуриште.
Македонија има иднина, и јас таа ја гледам во новата генерација политичари со која ќе ја извадиме државата од бездната која оваа власт ја втурна. Не сме исти, повторувам не сме исти, затоа што власта сака да мисли дека сме исти, и затоа сакаат да не мачкаат со нивната кал, а кога тоа не го прават директно тогаш на копче ги вклучуваат оние инфилтрирани полициски инсталации верни на СДСМ и разно разни квази патриоти кои јадат од раката на СДСМ, Зоран Заев и власта и во исто време удираат во гради колку тие многу ја сакале Македонија. А, сите други не биле. Не се тие иднината. Тие се срамот и потсетување на едно тешко време од транзицијата.
Не сме исти затоа што јас нудам концепт и имам визија, на држава каде што просечната плата ќе биде 45.000 денари. И тоа не е никакво лицитирање со власта, кога велам 45.000 денари таа ќе биде 45.000 денари. Каде секое семејство ќе има бесплатен приклучок на гас, каде струјата е поевтина, а стандардот повисок, каде самите граѓани одбираат каков проект ќе финансираат преку својот данок на имот, каде тутунарите прво ќе им се откупи сиот тутун по достоинствена цена, а дури потоа ако има потреба ќе се увезува нов. Каде општините ќе бидат целосно дигитализирани и никој нема да ги малтретира и рекетира граѓаните, каде човечкото достоинство ќе се вреднува. Каде црвените линии за идентитетот, јазикот и историјата се почитуваат.
Спорот со Бугарија не е натпревар на 100 метри, ниту тезга за некаков бостан, тоа е она што сме, нашиот идентитет, огледало и битие. Во тој идентитет се содржани и илинденската епопеја, и Рацин, и Мисирков, и нашите најубави поеми, литература и уметничко творештво.
И знам дека многумина ќе речат, па ова и многу пред тебе го ветувале, да точно. Точно е тоа и така било, но сите тие се бледа копија и слика на времето на транзицијата, на еден неморален систем на разврат поттикнувајќи го најлошото во човекот. Јас нудам нов почеток и нови страници кои заеднички ќе ги испишеме. И кредибилитет и темпо кое ќе реализира се што сме ветиле. Кога ќе речам, повторувам 45.000 денари просечна плата, јас навистина мислам дека тоа ќе го направам.
Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ ја има поддршката од народот и сме пред прагот на победа, но во исто време предупредувам дека си имаме работа со нечесни луѓе. Го кажувам ова многу внимателно и многу свесно. Затоа разликата на изборите мора да биде поголема, а за да се случи тоа потребно е големо обединување и народ кој ќе излезе на избори.
Работата не е да направиме коалиција за власт, туку коалицијата на народот против Заев. Од тука, точката на нашето обединување е да дадеме отпор кон власта и да ја кренеме урнисаната држава на нозе. Но затоа е потребен свесен народ, и политичари кои ќе гледаат подолгорочно од своите апетити и интереси. Затоа обединувањето во еден блок против оваа власт ќе биде жесток шамар за власта која ќе падне за неколку месеци веднаш по локалните избори. И само така ќе може да ставиме точка на криминалот, на тапкањето во место и да обезбедиме иднина за сите, да обезбедиме Македонија за сите луѓе. Блок на различни, но со една цел, туркање на оваа власт. Овие локални избори не се само избори каде што вие ќе гласате за или против локалните авторите и медиокритети кои што се залегнати во своите фотелји, туку каква порака ќе испратите на тие кои упорно ги кандидираат и ги навредуваат вашиот ум и вашата интелигенција.
Но воедно ова обединување ќе покаже кој е кој, кој е маша на Заев, а кој води автентична политика за народот. Тие што нема да се обединат јасно е дека се Заевата испостава и народот треба кон нив да ги гледа како такви.
Воедно обединувањето значи дека ги надминавме разликите во опозицијата. Немаме повеќе животи за трошење. На една маса мораме да седнеме сите на кои Македонија ни е важна и таква подадена рака ќе значи свесен чекор и одговорност кон народот. Народот ќе ја види разликата. Една прачка лесно се крши, но цел сноб прачки е силен како греда. Затоа тука во Ташмаруништа, на ден Илинден испраќам порака на обединување, не нешто што е многу повеќе од коалиција за власт, туку обединување на блок, составен од обесправени, жедни за правда и добар живот против власта која ги краде нашите животи и ја одзема иднината. Илинден обедини генерации Македонци за слобода, и за тоа испраќам апел за обединување против оваа корумпирана и криминална власт и рушење на локалните избори.
Секоја една грешка која што еднаш ќе ја направите ќе остане запишана, и таа грешка понатаму ќе ве потсетува вас и вашата совест, и за тоа какви се последиците на таа грешка. За тоа на овие локални избори сите ние заедно да излеземе и да не ги повториме грешките од минатото. Мора да се обединиме, не постои помош од нас и помеѓу нас од овие кои што денеска ја засрамуваат и пљачкаат и ја понижуваат нашата Македонија. За тоа еден на друг да си бидеме потпора, еден на друг да си подадеме рака и еден на друг да се храбриме во оваа наша последна битка против остатоците од транзицијата, кои што ја понижија, опљачкаа и разурнаа онаа Македонија каква што сакаме да биде.
За тоа сосема на крајот ќе ми дозволите да кажам уште неколку реченици, Илинден е нашата светост. Посебно чувство за секој Македонец. Тоа е нашата голгота, без која немаше да има слобода. Нашата карпа врз која ја темелиме нашата куќа затоа како Македонци, како родољуби се поклонуваме на делото. Македонија е повеќе од земја, тоа е нашата љубов, нашата мајка, нашето семејство. За нејзе вреди се, за нејзе ќе направиме се. Да сте живи здрави и вековите. Честит Илинден Македонијо, и се гледаме догодина петта година по ред овде во победничко Ташмаруниште.