Во вечерашното издание на дебатната емисија “Топ тема” гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој зборуваше за моменталната политичка ситуација во земјата, изминатите локални избори, како и за очекувањата за наредниот период и формирањето ново парламентарно мнозинство.

Мицкоски потенцираше дека она кое што се случуваше во Собранието во Република Македонија во четвртокот е грубо нарушување и прекршување на демократијата во земјата, односно уште еден доказ за хибридниот режим кој речиси пет години владее во Македонија. Тој додава дека начинот на кој се спречи формирањето на ново парламентарно мнозинство, наликува на недемократските и тоталитарните земји во кои е нормално да се заканувате на пратеници, односно луѓе избрани од народот.

Мицкоски истакна дека пратеникот Кастриот Реџепи не само што го погазил сопствениот збор поради материјални придобивки, туку го погазил и зборот на политичката партија БЕСА која што за разлика од него на денот на гласање пристигна во Собранието на Република Македонија. Мицкоски додаде дека е крајно несериозно после 24 часа од исчезнувањето на Реџепи, тој да излезе со видео порака на која јасно се гледа дека не ги искажува своите ставови, туку чита нешто кое што му било дадено за да се појави пред јавноста.

“Кастриот Реџепи беше наместен пред бел ѕид и му беше даден спремен текст кој требаше да го прочита за да ја увери јавноста дека тој не бил спречен од власта и Заев да дојде на седницата на која требаше да се гласа доверба на Владата. Овој чин уште еднаш го потврди тоталитарниот режим кој владее во земјата и кој Заев сака да продолжи, но тоа нема да му го дозволиме. Инаку, вакви изјави се снимаат во земји како Боливија кога јасно се знае дека некој пратеник или политичар е уценет и киднапиран од одредена политичка структура. Згрозен сум од тоа што се случи тој ден”, вели Мицкоски.

Мицкоски вели дека во Република Македонија не смеат да се случуваат вакви работи како во четвртокот, бидејќи ваквите појави во политиката само зборуваат за несериозноста на државата на патот кон ЕУ. Ова не се вредностите кои треба да ја красат Република Македонија и не се вредностите врз кои треба да се темели идната на државата, рече Мицкоски.