Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг во општина Ѓорче Петров, во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, имаше свое обраќање.

,,Сакам уште една работа да одговорам околу неговата „чесност“. Ја слушам и гледам една валкана кампања која ја тераат неговите прокси играчи и дебело платени мегафони со украдените пари. Слушаме приказни за тоа колку власта била нечестна, иако 7 години беа на власт, трипати ни го чешлаа секој денар и видоа дека нема ништо. Но, ајде да зборуваме за нивната чесност. Се сеќавате ли дека Венко Филипче заборави да пријави дека во Бугарија има фирма? Се сеќавате ли дека фирми кои работеа во РЕК префрлаа пари во Бугарија на други фирми блиски до струмичкото лоби и до братот на поранешниот премиер?“, запраша Мицкоски.

Претседателот Мицкоски потсети и на ковид вакцините, кои претходната влада ги имаше набавено преку фирми од, како што вели тој, втора рака, и кои беа тројно поскапи од оригиналните цени.

,,Се сеќавате ли дека набавуваше вакцини против ковид од Кина по ултра дебели провизии, преку фирми втора рака, по трипати повисока цена од оригиналната? Се сеќавате ли дека монтажната зграда која му изгoре на Филипче се градеше без одобрение, а тој нè убедуваше дека „кабелот е крив“? За сите овие работи Филипче треба да одговара. Но, кога ќе се покрене тоа прашање — молк. Зошто?“, рече Мицкоски и додаде:

,,Затоа што над 80 кривични пријави и случаи, за кои имаше и јавно објавени гласови и пријави во обвинителството, се ставени во фиока. Зошто? Затоа што таму 7 години се редеа послушни партиски кадри. Седум години имаа енормни скокови во кариерата луѓе блиски до струмичкиот клан и до Венко. Затоа СДСМ не гласаше за промена на Коцевски, затоа што судството и обвинителството се последната гранка на која седи раководството на СДСМ. А кривичните пријави кои ги поднесовме се длабоко ставени во фиока и заклучени. Клучот е кај Венко“.

Мицкоски истакна дека судството во земјава мора да биде независно и мора да има правда за сите, а додаде и дека по локалните избори следуваат промени затоа што судството мора да се ослободи од партиски и криминални стеги.

,,Затоа, по овие избори, лично ќе се позанимавам со ова. Затоа што судството мора да биде независно и да има правда за сите. Знам дека таму не се собрани само интересите на СДСМ, туку и на ДУИ и на сите криминалци заедно. И нека се лутат колку сакаат, но ќе кажам: не само што не ги заслужуваат платите, туку и тие им се превисоки за таа неработа. Се разбира, има исклучоци, но сите други ја прават сликата јасна — ќе има промени и одговорност во судството и обвинителството. Македонија мора да успее и да победи. Затоа овие избори се важни. Да испратиме порака дека доаѓа крај на лицемерието, крај на криминалот и дека народот е посилен од ова сидро кое ја влече државата надолу. Затоа ќе победиме и ќе работиме за заедничка иднина“, заклучи Мицкоски.