Денес реализиравме средба со претседателите и претставниците на политичките партии од Коалицијата „За обнова на Македонија“. Разговаравме за актуелната состојба како и за подготовките за изборите кои што престојат. Добив едногласна поддршка за изборите на 15-ти јули каде ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ ќе оствари убедлива победа над актуелната власт, изјави на прес-конференцијата претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
-Ги информирав дека прифатени се условите за кои што преговаравме и разговаравме со власта. А, тоа се протоколи за заштита на здравјето на граѓаните и мисија на ОБСЕ/ОДИХР. За нас беше многу важно да се утврдат строги правила за заштита на здравјето на граѓаните со што се овозможи сите ранливи категории, хронично болни опфатени со мерките на претпазливост соодветно да се пријават за гласање и да бидат посетени од ДИК доколку тие одлучат своето право на глас да го остварат од дома. Целосно ќе бидат заштитени при гласањето. И целосно нивното право за глас ќе биде тајно. Така што ги охрабрувам сите и да гласаат гарантирајќи го нивното здравје на денот на избори или деновите пред да се случи 15-ти јули. Што се однесува до останатите граѓани тие ќе можат во безбедни услови да излезат да гласаат на 15-ти јули, рече Мицкоски.
Според лидерот на ВМРО ДПМНЕ, многу е важно да има голема излезеност, и што повеќе граѓани да се охрабрат да гласаат. Затоа што од нивниот глас зависи судбината на државата и таа е во нивни раце.
-Тие одлучуваат дали ќе ја променат грдата реалност кон подобро или ќе биде полошо. Изборот е јасен. Изборот е помеѓу кризи кои ги прави власта или обнова која ја нудиме ние. Помеѓу измами и напредок, помеѓу ова раководство на СДСМ и Зоран Заев или Македонија. За сето она што го ветуваме стоиме до последниот збор. И тоа ќе го оствариме. Знам дека и сите останати политичари ова го говорат но видовме дека ова раководство на СДСМ и Зоран Заев не умее да исполни. Изборот сега е помеѓу ова раководство на СДСМ и Зоран Заев кое докажано не исполнува, и Коалицијата „За обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ кое се знае дека работи и исполнува. И знаете дека овој пат го имате мојот личен збор, дека обновата доаѓа, вели Мицкоски.
Тој додава дека е потребна треба извесна иднина во која може да се планира и на која може да се смета.
-Да дојде крајот на времето на искушенија, несигурности и постојани кризи. Треба вистински да се нормализираат работите, вредностите да дојдат до израз. Нема да се задржувам на празни флоскули. После 15-ти јули не чека многу работа. Затоа што нашиот проект е обнова која ќе донесе силна економија, повисоки плати за 25 отсто или за најмалку 6.500 денари повеќе од сега. Повисоки пензии од 20-тина проценти во еден мандат или повеќе од 3.000 денари за секој пензионер, невработеност под 10 отсто, намалување на даноците, рамен данок од 8 отсто, четири милијарди евра домашни и странски инвестиции за 4 години. Целосна реконструкција на повеќе од илјада километри регионални и државни патишта, 150 километри експресни патишта низ целата држава, енергетска обнова на домовите на граѓаните, нова фасада и оков на секој дом при што инвестицијата половина ќе ја покрие државата. Природен гас за секое домаќинство, бесплатен приклучок на гас за секое домаќинство, истакна Мицкоски.
Мицкоски најави поголеми плати за професорите и наставниците, 100.000 денари за редовните универзитетски професори, 80.000 денари за вонредните професори, 60.000 денари за доцентите, 45.000 денари за асистентите на факултетите.
-Изградба на национална мрежа на четири нови клинички центри и многу други проекти. Следува напорна работа и многу резултати. Власт која нема да биде непријател туку партнер со народот. Подгответе се да бидете сведоци на нов почеток и многу причини зошто ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија е различна од СДСМ и Коалицијата „Можеме“. Има зошто да ја подржите ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, потенцираше Мицкоски.