Не може човек да не биде задоволен и би рекол емотивен кога ќе присуствува на еден ваков настан, ново училиште за најмладите, за дечињата. Добро е што голем дел од проектите што ги започнавме изминативе 18/19 месеци ја добиваат својата контура, својата физиономија, рече премиерот Христијан Мицкоски при денешното отворање на новиот дел од ООУ „Блаже Конески“.
-Годината ја завршивме со реновираната Клиника за гинекологија и акушерство, потоа ја отворивме годината со четири нови градинки, Кочани, Карбинци, Сопиште и Гевгелија, сега и ова училиште „Блаже Конески“ овде во Аеродром со услови би рекол идеални за учење, а кога ќе се вратам од службеното отсуство од Давос ќе го пуштиме и реновираното училиште или гимназија во Тетово „Кирил Пејчиновиќ“ и така ќе продолжиме со примопредавање на сите оние проекти коишто изминативе 18/19 месеци ги започнавме. Тука не треба да се забораваат и спортските сали, понатаму булеварите, експресните патишта, железницата, автопатските делници и многу проекти што се реализираа овие 18/19 месеци. Впрочем тоа сме го ветиле пред граѓаните и тоа ќе го испорачаме во рамките на приоритетите и во рамките на можностите, рече тој.
Мицкоски му се заблагодари на градоначалникот за посветената работа во Општина Аеродром, на ресорниот министер, на пратениците, на советниците, на администрацијата во Општина Аеродром…
-Да се заблагодарам на вработените во училиштето и пред се на родителите и на дечињата коишто имаа трпение и коишто како резултат на тоа трпение ќе се вратат повторно во ова училиште и ќе можат да следат настава во најсовремени услови. Уште еднашка им посакувам многу весели училишни денови, да се стекнат со многу знаење, а за вработените се разбира успешна работа и да го пренесат што поуспешно тоа знаење до нашите најмлади, дечињата, рече Мицкоски.




