Денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со Александар Николоски, носител на изборна единица 4 ја посетија Демир Капија. Мицкоски при своето обраќање посочи дека во првите 6 месеци од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ ќе се стави крај на криминалот кој што го донесе СДСМ. Сите кои што се огрешиле пред законот ќе одговараат пред словото на правдата. Време е да започне во Република Македонија да се почитуваат законите и Уставот.
Трет ден од кампањата во малку поинакви услови, во многу попредизвикувачка атмосфера и амбиент поради оваа пандемија која што не задеси. А, поради неспособноста на владата и мерките која што ги преземаше изминатиов период кај нас се издолжи тој период на борба со оваа пандемија. За жал ете и ние во нашето семејство тоа го почувствувавме и навистина е потребно да се чуваме, и да го чуваме нашето здравје, затоа што само здрав човек може многу работи да направи, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека е важно на 15-ти јули сите масовно да излезат на избори и да се поддржи победничката листа, листата која што ја предводи Александар Николоски со реден број 14, затоа што само така може оваа пандемија која што е предизвикана од раководството на СДСМ и СДСМ да се порази.
„Оној слоган кој што го слушаме деновиве, а тоа е „Можеме“, јас повеќе би рекол „Можевме“. Зошто можеа, затоа што имаа три години сето она кое што го ветуваа и во таа 2016-та година, а потоа и на локалните избори во 2017-тата, па подоцна и ан претседателските избори во 2019-тата година да го реализираат. Но за жал не успеаја во тоа што го ветуваа и затоа ние на 15-ти јули треба да им кажеме „Можевте“, а сега ќе можете од опозиција да учите и да гледате како се работи и како се сака сопствената држава Република Македонија“, порача Мицкоски.
Тој потсети на ветувањата кои ги даваа СДСМ за време на кампањите, но не ги исполнија. СДСМ можеше да го сочува достоинството и гордоста на Македонецот, но за жал тоа не го направија. Па денес Македонецот се чувствуваат како граѓани од втор ред, поради политиките на ова раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев. Оваа влада не работеше чесно. Земјоделците ги фрлаа своите производи на буниште бидејќи власта заборави на нив. Владата не изгради ниту еден километар нов автопат од ветените 600 километри. Ветениот чист воздух не го донесоа, туку бевме први по загаденоста на воздухот, граѓаните се гушеа во смог.
Не треба да губиме надеж, најдоброто допрва доаѓа. Многу внимателно го креиравме секој пасус во нашата предизборна програма. Многу внимателно со многу експерти од земјава и од странство, со многу луѓе кои што се дел од партиската структура, универзитетски професори, професионалци од коморите, од бизнисот, луѓето кои што се стручни во образованието, здравството, земјоделието, социјалата. Буквално во секој сегмент. Збор по збор внимаваме што ќе напишеме во тие 360 страници наречени „Проект – обнова“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски порача на граѓаните да бидат спокојни бидејќи најдобрите години допрва доаѓаат, Македонија ќе се исправи. Македонија ќе биде пример на Балканот како треба да изгледа една држава со ред, чест и достоинство.
„Стојам пред вас, ве гледам во очи и ви ветувам за разлика од нив во првите 6 месеци се обврзувам дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, сите тие за кои што постојат основано сомнение за сторен криминал дека ќе ги процесуира и ќе одговараат. Во првите 6 месеци, ветувам. Повторно ќе се видиме овде на локалните избори. Секој кој што се огрешил пред законот дали бил ВМРО-ДПМНЕ, дали бил СДСМ, дали бил ДУИ, Алијанса, политички определен и неопределен ќе одговара. Доста беше богатење на грбот на македонскиот напатен граѓанин. Доста беше! Мора да има правда! Мора да владее правото и мора правото, секаде законите и Уставот да се почитуваат на овие 25.000 км2, наша држава Република Македонија, од Куманово до Гевгелија, од Дебар до Делчево. Секаде мора да владеат законите и Уставот. Нема да има привилегирани, нема да има силни политичари, нема да има политичка каста“, вети Мицкоски.
Мицкоски на самиот крај од средбата порача дека на 15-ти јули да се излезе масовно и да се каже доста е на Зоран Заев и неговата криминална банда.