Јас зборував за оваа енергетска криза дека ќе дојде уште пред четири месеци. Имавме еден брифинг тогаш и се обидов да објаснам дека ова ќе се случи, но тогаш се направи еден маневар во рамките на Регулаторната комисија, предложивме ако се сеќавате тогаш намалување на ДДВ-то и еве го прифатија и тогаш го поздравивме сето тоа. Гледате денеска и дел од европските земји прифаќаат намалување на ДДВ-то за струјата и за гасот и предупредивме тогаш дека и тоа не е доволно, бидејќи навистина имајќи го предвид сето ова што се случува на енергетскиот пазар во Европа, дека ние сме пред вратата на енергетска криза и дека ќе се соочиме со таа енергетска криза, но не нѐ слушаа тогаш и еве денеска со тоа се соочуваме, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р. Христијан Мицкоски во одговор на прашања по изјавата за медиуми во Пештани.
Мицкоски додаде дека производство нема бидејќи тендерите беа за да се краде, не беа тендерите за да се обезбеди јаглен.
– Сега се копа стихијно, се уништува технолошката шема на самиот рудник бидејќи се копа колку да се ископа денес за утре да се помине денот. Создаваат дополнителни проблеми, сега тонат сѐ подлабоко во тоа мочуриште, а на крајот на денот цената ќе ја плаќаат граѓаните и компаниите со повисока цена на струјата од таа која што денеска ја плаќаме, а можни се и рестрикции доколку не успее Владата да обезбеди, појасни Мицкоски.
Мицкоски ја повика власта сериозно да ја разгледа ново станатата ситуација на полето на енергетика.
– Затоа ги повикувам веднаш да седнат сериозно да ја разгледаат ново настанатата ситуација, бидејќи таа е настаната од пред неколку месеци, а не е од сега, но еве до сега не успеаја да седнат. Ги повикувам веднаш да седнат, да формираат кризен штаб и на тој кризен штаб да се разгледаат сите сценарија затоа што ни доаѓа зима којашто според предвидувањата на метеоролозите ќе биде исклучително студена, ќе биде зголемена потрошувачката на електрична енергија и јас не би сакал да имаме ние рестрикции коишто граѓаните ќе ги почувствуваат на своја кожа, рече Мицкоски.