Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото гостување во емисијата „360 степени“ на Алсат М телевизија, истакна дека власта со прифаќање на бугарските услови процесот на интегрирање на Македонија го направи процес на асимилација и дека тоа за него како Македонец е неприфатливо и притоа додаде дека како идна власт ќе се обиде тоа асимилирање да го спречи.
– Ќе сториме се што е во наша моќ, ова договарање со Бугарија и обид да се асимилира македонскиот народ да го вратиме како процес назад, не мислиме дека таков процес е добар за македонската иднина, туку дека е грешка, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека овој договор, практично интеграцијата на Македонија во Европската Унија од процес а интегрирање станува процес на асимилација, и тоа го гледаме во повеќе работи.
– Вклучително и денес гледаме со отворање на клубот кој го носи името на човекот кој ги предводел фашистичките окупатори на Македонија за време на Втората светска војна и кој што е најодговорен за егзодусот на многу македонски граѓани кои завршиле во концентрациониот логор во Треблинка. Јас не гледам добрососедско во тој договор, ништо пријателско во тој договор, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека затоа вели дека процесот на Македонија наместо да биде интегрирање, го направија процес на асимилирање.
– Јас тоа не можам да го прифатам. Настрана од политиката, зборувам како педагог, како професор, како Македонец, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека отворањето на бугарскиот клуб на фашистичкиот окупатор Цар Борис е тешка провокација, тоа е последица на прифатените отстапки од оваа Влада
„Проблемот е што нас денеска од Охрид ни се случува типичен обид за асимилација, а тоа е Цар Борис Трети, културниот бугарски центар. Во Битола претходно ни се случи „Ванчо Михајлов“ се сеќавате тогаш имаше разни изјави од страна на Владата дека во Благоевград ќе никнел културен центар „Гоце Делчев“ или не знам како веќе се обидуваат да шпекулираат дека ќе има македонски културен центар, но од тоа ништо не се случи“, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека не слушнал од Бугарија да се зборува за заеднички проект од патната инфраструктура, па да се добие голем грант од ЕУ, кога за тоа ќе се зборува и кога ќе се слушне од другата страна јасен став дека нема да се има намера да се занимава со историјата, бидејќи историјата не може да биде вечна за интегрирањето на Македонија.
„Јас ниту еднашка не видов од бугарска страна да зборуваме за тоа што е актуелно денеска, а тоа е изградба на новиот интерконектор помеѓу Македонија и Бугарија во делот Струмица – Петрич, па да се приклучиме на оној гасовод“, кажа Мицкоски.