Македонија е помеѓу 4-те најсиромашни држави во Европа, покрај тоа што е помеѓу трите најкорумпирани, најкриминални држави во Европа. Потрошувачката кошница на основните прехрамбени и други производи изнесува во декември 35.042 денари, и оваа сума постојано се зголемува. Не се проблем само минималните плати, туку ниските плати кои што се поголем број на луѓе ги добиваат, истакна денес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Владата мора да има поголемо чувство за потребите на граѓаните. Треба да се симнат розовите очила и да престане да се фали со она во што никој не верува дека тука тече мед и млеко, па дури и дека гастербајтери ќе се враќале затоа што тука со минимална плата се живеело добро, како што велат од владата. Освен дека се во стаклено ѕвоно, се гледа и дека и се фрлени на гол популизам. Не се завршува работата со едноставно зголемување на минималната плата, туку со опсежно зголемување на платите кои мора да бидат усогласени со коефициентот на сложенос на работната сила. И тука не треба посебни формули туку почитување на веќе договореното, на веќе постигнатата согласност со синдикатите и колективните договори кои се на сила. Каква е таа социјална правда кога владата не ги почитува сопствените колективни договори, вели Мицкоски.
Истакна дека затоа денес пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи амандман на законот за минимална плата каде ќе се овозможи зголемување на платите во јавниот сектор.
-Бараме износот на коефициентите и вредноста на бодот на колективните договори на сите нивоа и во сите области да се усогласи со порастот на минималната плата при што скалесто се зголемуваат платите, каде основната вредност на најнискиот коефициент и бод се изедначува со износот на минималната плата. А каква е сега состојбата и што предлагаме можете да видите на слајдот кој што е прикажан овдека. Дадена е симулација како е во градинките, во основните и средните училишта. Ова се бодовите во градинките, тука се и коефициентите на сложеност на работното место во основните училишта и нешто слично е и во средните училишта. Во моментот перачка – пегларка да речеме, садомијач – сервирка, помошник во кујна има 269 бодови, и има минимална плата од нешто повеќе од 15.000 денари и сега таа според колективниот договор би требало да изнесува нешто повеќе од 18.600 денари. Сите останати плати кои што предлагаме со закон да се нивелираат согласно колективниот договор ни се прикажани во продолжение односно во третата десна колона. А, овде е покачувањето и усогласени се според бодовите кои што ги има секое работно место во градинките, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
.
Мицкоски посочи дека истото тоа го имаме и во основните училишта, ако започнеме со општ работник кој што има коефициент еден и досега имал минимална плата 15.200 денари сега ќе има 18.000 денари.
-Тогаш соодветно надоле и хигиеничар, и перачка, сервирка, садомијач, ложач, ракувач на парни котли, возач и така натаму, па се до наставник приправник и наставник платите ќе бидат зголемени односно наставник приправник наместо досегашните 22.764 денари според амандманот кој го предлагаме, а согласно колективниот договор кој што го имаат потпишано со синдикатот и коефициентот на сложеност на тоа работно место треба да изнесува 41.256 денари нето. Исто така и за наставник кој што има коефициент 2.503, кој што досега има нето плата од 24.782 денари и согласно амандманот што ние го предлагаме да се усогласи со колективниот договор би требало да има нето плата од 45.054 денари. Истото тоа го предлагаме и за средните училишта односно професорите наместо сегашните 25.838 денари нето плата би требало да земаат според предлогот кој што ние го даваме 45.594 денари. Ова е во суштина предлогот на амандманот кој што денеска пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го достави и очекуваме од страна на владата, од страна на парламентарните партии истиот амандман да биде прифатен затоа штоп секој заслужува подобро да живее и без разлика на тоа во кој дел на администрацијата имаме вработен, државата, владата треба да покажат одговорност и сериозност и да ги усогласат преку личен пример овие коефициенти, односно примањата на вработените во државната и јавна администрација, истакна Мицкоски.
Тој истакна дека за ова барање, бара поддршка и од работниците, синдикатите и од пошироката јавност. Не е важно по чиј предлог ќе се добијат повисоки плати, туку тие навистина да се покачат.
-Она што исто така сакам да го истакнам на денешната прес конференција е откако доживеа тежок пораз владата на изминатите локални избори и во првиот и во вториот круг, и откако се повеќе е јасно дека кога и да се случат предвремени парламентарни избори ќе доживеат тежок пораз и на тие предвремени парламентарни избори, владата одлучува да се свети на граѓаните во тие општини каде што ВМРО-ДПМНЕ има градоначалници со тоа што свесно ги намалува дотациите за вработените во градинките, но и во основните, а во Град Скопје и во останатите општини и во средните училишта. Како за пример во 2017-тата година дотациите за плати во општините биле 243.000.000 евра, во 2018-тата година дотациите за плати во општините каде што доминантно градоначалниците се од редот на СДСМ се 259.000.000 евра, односно за 16.000.000 евра повеќе. Во 2019-тата година таа бројка расте за 17.000.000 евра и дотациите достигнуваат вредност од 276.000.000 евра. Во 2020-тата година бројката продолжува да расте дополнителни 34.000.000 евра и таа бројка сега изнесува во 2020-тата година 310.000.000 евра. Во 2021-та година кога се уште се надеваат дека ќе останат тие градоначалници да бидат таму каде што се бројка расте за дополнителни 6.000.000 евра, и стигна до вредност од 316.000.000 евра. А, во овој историски највисок рекорден буџет кој што го донесе владата на ДУИ администрирана од СДСМ имаме намалување на дотациите за 4.000.000 евра и сега тие изнесуваат 312.000.000 евра. Ја повикувам јавноста сама да одговори на прашањето зошто ова се случува? А истовремено ја повикувам и владата на одговорност бидејќи граѓаните не се виновни затоа што тие се неспособни, затоа што се криминални и затоа што наместо да работеа нивните градоначалници се занимаваа со местење тендери, со крадење на граѓаните, не работа и нереализирање на тоа што го ветиле, потенцираше Мицкоски.
„Затоа денеска имаме поинаква слика, имаме огромно мнозинство во ЗЕЛС и во Управниот и во Надзорниот одбор и огромно мнозинство градоначалници кои што се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и кои што испорачуваат и работат чесно и посветено за граѓаните во општините каде што тие ги водат.
Секако ќе се постави прашањето дали има пари: За ова што е и законска обврска на владата согласно колективните договори, одговорот е пари има, само треба да престане да се краде и да запрат криминалните тендери.
Повеќе пари ќе се ослободат во економијата и ќе има повеќе пари за сите, и за вработените кои што се дел од јавната и државна администрација, нормално доколку владата одлучи да не продолжи со тоа што досега го правеа, а тоа е да се свети на граѓаните и вработените во општините каде што градоначалниците се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ па да ги крати дотациите.
ВМРО-ДПМНЕ очекува барем еднаш СДСМ да се однесува рационално и ајде еднаш заеднички да се избориме за својот народ, за сите граѓани“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.