Утре, најдоцна до 14.30 часот, во Собранието ќе биде поднесена иницијативата за гласање недоверба на Владата, соопшти денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицскоски.
Пред средбата со избраните градоначалници, Мицкоски рече дека прво ќе се почека премиерот Зоран Заев да го исполни ветувањето и да ја достави најавената оставка.
Мицкоски ги повика и останатите пратеници, покрај оние 61 кои, како што напомена, се веќе дел од мнозинството, да им се придружат.
– Отворена е вратата за секој што мисли дека оваа Влада на Заев не е добра. Секој што ја поддржува оваа Влада, нормално дека нема да биде дел од пратениците кои ќе гласаат недоверба. Тука не постои политичка партија, туку се работи за пратеници. Вкупно 61 застанаа зад иницијативата. Ги повикувам и останатите да се придружат, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, одговорајќи на новинарски прашања.
Според него, по поднесувањето на иницијативата, процедурата ќе биде во рацете на претседателот на Парламентот кој треба да ги почитува постапката и роковите.
Мицкоски информира и дека од градоначалниците со кои попладнево ќе има средба, побарал за 30 дена да почнат со реализација на три од ветените инфраструктурни проекти, да се откажат од службени возила, непродуктивни трошења, да бидат постојано меѓу граѓаните и транспаренти – секогаш достапни за медиумите.