„За 200 години од сега, што мислите луѓето кого ќе паметат? Оние кои го предале делото, или оние кои се бореле за него?” – ова е мисла на Бенџамин Франклин, еден од татковците на САД, и човекот кој ја донел демократијата и укинал ропството.
Вака го започна вечерва своето обраќање до јавноста, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Денес во Република Македонија се случи тажен ден, црн петок, најцрниот петок во демократијата на современа, независна Македонија. Имаше луѓе кои се бореа за делото сочувано во идејата за Македонија, и оние кои се бореа против. Но останува историски траг на кој мора да се биде горд, а тоа е дека народот не ја изневери државата, туку Зоран Заев и неколкумина до него кои ја спроведуваат неговата идеја. Волјата на мнозинството граѓани потврдена на референдум, дека се против договорот со Грција беше погазена од две третини од пратениците во Собранието. Но и од 8 пратеници од опозицијата, кои тргнаа против волјата на граѓаните. На ова претходеа информации и сведоштва кои ми беа пренесувани за силни притисоци и закани. Се говори дека било ветувано ослободување од обвиненијата за кои денес е повеќе од јасно дека се дел од прогон кој има политичка намена, да ги уцени пратениците за да гласаат за овој договор. Велат дека биле и понудени пари, и дека наместо Собранието да биде храм на демократијата имавме киднапирана институција од ордите на Зоран Заев и неговите луѓе. Сакам да изразам благодарност и огромна почит за пратениците кои одолеаја на заканите и уцените, вие сте пример како се брани и сака својата земја и својот народ. рече Мицкоски.
Сепак, тој посочи дека не сите издржаа на таквите притисоци, и денот кога требаше да се гласа за овој договор, се претвори во лов на пратеници.
-За овој нивен чекор, на оние 8 пратеници од опозицијата, без оглед на фактот што и добар дел од нив се опфатени од случаите на политички прогони, тука мислам пред се на СЈО и 27 април, и што над глава им висат сериозни обвиненија кои можеби ќе ги чинат слобода, можеби некој ќе изрази разбирање, но јас како човек не можам да ги оправдам, ниту пак можам да ја разберам нивната постапка. Ние не одбираме кога и каде ќе живееме, тоа е Божја работа, но самите одбираме како ќе живееме, со каков углед и каква чест. А верувајте обврската спрема граѓаните е поголема и поважна од било каков притисок, или закана. Најпосле треба да се биде свесен дека има и пратеници кои исто како и тие што гласаа за уставните измени беа опфатени со политичкиот прогон, но се одважија и гласаа согласно партискиот став и согласно волјата на граѓаните на Република Македонија. Оние 7 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои постапија спротивно на партискиот став и волјата на граѓаните на Република Македонија, кој беше пак партиски став едногласно донесен и на Извршниот Комитет и на Централниот Комитет и во координација со пратеничката група ме разочараа мене, но и тоа не е толку важно, затоа што пред се ја разочараа партијата и татковината, и ќе треба со тоа да живеат. Токму затоа вечерва ИК на ВМРО-ДПМНЕ одржа вонредна седница и на мој предлог едногласно се усвои веднаш исклучување на овие 7 пратеници од партијата, а тоа се: Елизабета Канческа Милеска, Емилија Александрова, Нола Исмаиловска Старова, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Крсто Мукоски и Зекир Рамчиловиќ. Ова денес е акт на насилство на државата. Ова не е одлука на народот туку на корумпираното водство на државата кое се бори за својата фотелја поддржана од структури кои решија да работат во нивна полза, истакна Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека денес Зоран Заев на сила пристапи кон преименување на државата и реализација на договор со кој се губи името Македонија, се губи идентитетот, ќе се преименува историјата, археологијата, образованието и културата.
-Договор со кој се менуваат личните документи, лицето на Македонија онаква каква што ја знаеме и онаква каква што ја наследивме од нашите дедовци. Заев нема мандат од народот ова да го прави. Ова е силување на процедурите, насилство врз државата. Срамно дело кое ќе се памети. Заев нанесе срам кон Македонија. Македонија е во тешка ситуација, токму поради оваа гарнитура на власт. Имавме референдум каде имаше фалсификати, притисоци, имаме гласање за договор кое е постигнато со истите принципи. И ова е се друго, само не европски вредности. Затоа што Европа е пред се принципи и вредности. ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од европските вредности, од членството во НАТО, тоа е нашата иднина и тоа е патеката по која се движиме, но во исто време се покажува дека најголемиот непријател на овие вредности е токму првиот човек на Владата, Зоран Заев. Затоа што договорот е само праванот, а во позадина се бизнисите, и криминалот кој не престанува. И многумина ќе си речат ова е крајот, ова е поразот за Македонија, нема иднина веќе овде, не, јас ќе речам ова е почетокот за Македонија, ова почетокот за нас Македонци. Ова почетокот на крајот на Зоран Заев и неговата срамна улога во нашата историја. Кој друг ако не ние. Не очајувајте. Мораме да се спротивставиме на ова заедничко зло кое ја гуши нашата земја, на оваа криминална насилничка власт. Не чека напорна работа, и кој друг ако не ние имаме обврска да се спротивставиме. Македонецот се борел, не затоа што секогаш победувал, туку затоа што никогаш не се откажувал. А ние заедно ќе победиме и тоа ви го ветувам. Затоа избегаа од избори. Фактот што наместо на избори одлучија со сила и притисоци да ја кршат демократијата и државата говори дека се слаби и очајни. Слаби се и очајни и свесни се за тоа. Заев сега избега од избори, ама ќе дојдеш еден ден, ќе те победам, без разлика дали сега или на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, или кога и да е. Ќе добиеш жестока казна од народот. Било да се изборите сега, или да бидат тие предвремени кога и да се. И верувај ми дека треба да бидеш свесен за тоа. Најтемно е пред зората, а Гоце Делчев рекол ќе дојде светлото и зората за нас да не огрее, затоа што нашата љубов за Македонија е најголема, порача Мицкоски.