„Околу темата со уставни измени, изминатите две недели бевте сведоци на жестока хајка од власта, на море од дезинформации, лажни етикети. Тоа беше нервозата со која власта на ДУИ и СДС ни кажа дека е совршено јасно дека немаат план за заштита на Македонија освен да продолжат да го бараат истото она што го бара и Бугарија од нас. Ова нивно однесување го препознав. И точно знаев дека не сакаат договор и дека ќе се вплеткаат во лаги, во недостиг на храброст да се соочат со народот и она што народот го бара. Јас дадов два предлози за излез кои се базирани пред се на заштита на националните интереси, нашиот идентитет и јазик и кој воедно содржат и гаранции за продолжување на нашата европска иднина. После две недели, одбегнување од нивна страна да кажат кој предлог тие го одбираат, јасно е дека ја отфрлија историска шанса за иднината Македонија, одбраа да работат за себе туркајќи бугарски диктат“, истакна вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на 33 годишнината од основање на партијата.
Мицкоски додаде дека оваа тема, порачува, оваа тема тука ја затвора со јасна порака, уставни измени под бугарски диктат нема да има ниту сега, ниту кога било во иднина и ВМРО-ДПМНЕ нема да оди против својот народ!
„Тоа го кажав пред година дена, не далеку одовде пред Владата на Република Македонија, тоа го кажувам и овде уставни измени додека јас сум претседател под бугарски диктат нема да има“, нагласи Мицкоски.
„Власта ако се вразуми, во што не верувам, тука сум да разговарам единствено за она што ќе значи исполнување на еден од двата предлози кои ги дадов. Тоа се нашите црвени линии од кои нема повлекување. А, за најавите дека ќе разговарале со пратеници, ќе им кажам и ќе им порачам ова не е 2018-та година, друго време е. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се последниот браник кој нема да попушти под какви и притисоци тие да прават, зошто и тие знаат, и народот знае дека им се избројани деновите. А, изборите стануваат единственото решение за излез од кризата“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски посочи дека изборите се излезот и лекот на оваа криминална и коруптивна гангрена наречена ДУИ со подизведувач СДС која ќе биде жестоко поразена од народот.
„Воедно сакам да посочам дека наредните избори нема да бидат само порака од народот за тоа што тој мисли за уставните измени, туку многу повеќе од тоа, порака од народот за оваа власт што тој мисли за реалниот живот кој е тежок, сиромашен, и многу несигурен“, појасни тој.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи „има луѓе со кои сум се сретнал, разни дипломати, претставници на странски земји кои велат зошто не попуштите пред барањата на Бугарија“.
“Дојдете да видите кои се нашите борби и кои се нашите страдања. Да ја разберете нашата историја и да го чуете народот што мисли и како лелека.
Има и такви кои велат дека ниту една земја не се изгубила на патот кон интеграцијата. Дојдете господа во Македонија! Дојдете да видите дека ниту една друга држава не го отстапила својот идентитет, јазик и име како што тоа го направи оваа држава“, рече Мицкоски.
Има и неколкумина од Европа кои велат интеграцијата е најважното прашање, рече Мицкоски и додаде „се согласувам дека е важно, но дојдете во Македонија да видите дека половина милион живеат во сиромаштија, повеќе од 30 илјади живеат во екстремна сиромаштија, со инфлација каква што нема никаде во Европа, заглавени во чекалницата пред истата таа Европа“.
„Ова е реалниот живот“, заклучи Мицкоски.