На вечерниот поткаст „ВМРО-ДПМНЕ зборува“, гостуваше премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој се осврна на последиците од политиките на СДС и нагласи дека тие нанесоа длабоки рани и болка на македонскиот народ. Мицкоски додаде и дека дејствата на СДС нема да бидат заборавени ниту простени со децении. Според него тоа беа тешки времиња за Македонија како држава полни со криминал, а посочи и дека Македонија беше раководена од ,,национално исплакнати луѓе“ кои не го ценеа идентитетот на Македонците.

„Тоа беа тешки времиња за ВМРО-ДПМНЕ, но ВМРО-ДПМНЕ е помалку важно во случајот, поважна е Македонија. Прво, беа тешки за Македонија како држава. Времиња во кои криминалот царуваше, не само политичкиот, туку и на улиците. Времиња во кои државата ја раководеа луѓе кои за идентитетските прашања гледаа со потсмев, за нив ништо тоа не значеше“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски продолжи со критика на СДС, нагласувајќи дека оваа партија, иако била дел од коалицијата, е одговорна за големите проблеми што ги имала земјата. Мицкоски истакна дека овие политики им донеле многу штета на македонскиот народ и ќе останат трајно запишани како нешто што не може да биде простено.

„Тука пред се зборувам за поголемата партија во владата на СДСМ, иако тие функционираа како малцинска, но зборувам по бројки, во секој случај тие беа поголема партија. Од оваа перспектива денеска ако ги гледаме работите, покрај сите оние лоши работи кои што ги направија додека беа на власт, јас бев отприлика 6 години откако тие беа влада, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, и покрај сето тоа што го направија тие генерално најмногу себеси си направија лошо поради политиките кои што ги водеа. Сега тие се перцепирани од страна на јавноста како луѓе кои што го изгубиле угледот, почитта и кредибилитетот што го имаа“, изјави Мицкоски.

Мицкоски нагласи и дека поранешната власт е често предмет на критики од јавноста, а граѓаните не ги забораваат нивните дејства.

„Честопати претпоставувам се сведоци на непријатни ситуации додека одат по улиците, додека се во друштво на луѓе, се предмет на критика. Слушаат дека сето тоа кое што го работеле било погрешно и дека не требало така да го прават сето тоа“, додаде Мицкоски.

Мицкоски истакна и дека не само што СДС си направија голема штета себеси, туку и на Македонија како татковина. Тој е уверен дека тоа нема да биде заборавено.

„Но тоа што она што тие себе си си го направија и на Македонија како нивна татковина е нешто кое што мислам дека децении ќе биде незаборавено и нема да им биде простено од граѓаните, пред се од македонците бидејки нанесоа многу болка на македонците. Мислејќи дека се национално исплакнати, мислејќи дека ќе водат таква би рекол квази политика нанесоа многу болка на граѓаните а пред се на македонскиот народ и тоа нема да им биде простено, верувајте, и тоа нема да им биде простено со децении, ниту пак заборавено.“, заклучи Мицкоски.