Туризмот е еден од приоритетите на Владата и мерките и активностите што се преземаат во таа насока резултираат со зголемување на бројот на туристи и бројот на ноќевања, смета премиерот Христијан Мицкоски. Додава дека активно се работи на создавање услови за натамошно зголемување на овие бројки и во наредните години и бројот на ноќевања да се зголеми до пет милиони годишно.

– Туризмот е еден од нашите приоритети. Минатата 2025 година, според бројките што ги објави Државниот завод за статистика, имаме зголемен број туристи некаде над шест проценти. Но, што посебно охрабрува е што е зголемен бројот на странски туристи за над десет проценти. Тоа е двоцифрена бројка. Се ближиме на бројката од три и пол милиона преноќувања, што исто така претставува многу значаен податок, изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање по поставувањето камен-темелник  на спортска училишна сала во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во населбата Влае, Општина Карпош.

Оваа година, додаде Мицкоски, повторно има организирани групи и повторно како Влада се проактивни.

– Постојано работиме и јас очекувам повторно двоцифрен број на раст кај странските туристи и генерално очекувам и 2026 година да имаме раст на бројот на туристи во Македонија. Работиме паралелно и во насока на поддршка на изградба, на и надградба и реновирање на постоечките туристички постоечки капацитети и угостителски капацитети. Нашата цел е да дојдеме до, ако е возможно тоа, до пет милиона преноќувања во Македонија, што ќе претставува историски рекорд и сега работиме во таа насока. Оваа година очекуваме чекор по чекор да дојдеме до три и пол милиони, а потоа и понатаму, па ако биде се како што треба, не би се изненадил тоа да биде во 2028, 2029 година, истакна македонскиот премиер.