Премиерот Христијан Мицкоски утрово остварил средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој вчера пристигна во официјална посета на државава.
– Имав плодна и пријателска средба со унгарскиот колега Виктор Орбан. Историјата сведочи за нашиот заеднички стремеж кон мир, просперитет и соработка. Унгарија во минатото беше еден од првите наши партнери кој ги препозна македонските стремежи за независност и суверенитет. Со години наназад, политичките и економските врски меѓу нашите држави се продлабочуваат, а денешните средби само го потврдуваат нашето стратешко сојузништво. Унгарија не е само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција, напиша Мицкоски на „Фејсбук“.
Во Охрид денеска ќе се одржи и меѓувладина седница по што се очекува двајцата премиери да имаат заедничка прес-конференција.
Според агендата, предвидена е и прошетка во Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид.
Заедничка меѓувладина седница на Македонија и Унгарија ќе се одржи денеска во Охрид откако претходно премиерите на двете држави Христијан Мицкоски и Виктор Орбан ќе одржат тет-а-тет средба.
Седницата ќе се одржи во хотелот „Инекс Олгица“, а веднаш потоа на истата локација се очекува двајцата премиери да одржат прес-конференција.
Унгарскиот премиер, кој ја предводи владината делегација, од вчера е во посета на земјава.
Унгарија во моментов претседава со ЕУ, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.
Како што информираат од Владата, на маргините на дводневната посета предвидена е и прошетка во Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид.
Во Охрид се преземаат неопходните безбедносни мерки, а за безбедно и непречено движење на делегацијата низ градот и околината најавен е времен режим на сообраќај. На улиците „Илинденска“ и „Коста Абраш“ е забрането запирање и паркирање возила, а додека ќе се движат возилата на делегациите привремено за сообраќај ќе бидат затворени булеварите „Туристичка“ и „Македонски просветители“, улиците „Абас Емин“ и „Кирил и Методиј“ како и регионалниот пат Охрид – Св.Наум.
Дислоцирани се и возилата од паркинг-местата на булеварот „Туристичка“ и улиците „Коста Абраш“, „Цар Самоил“ и Кејот „Македонија“.
За време на Самитот на НАТО во Вашингтон што се одржа во првата половина на јули, Мицкоски со Орбан договорија кредит од Унгарија во висина од 500 милиони евра. На 17 септември, Законот за унгарскиот кредит беше изгласан во Собранието, по скратена постапка.
Заемот од Унгарската експорт – импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, ќе се повлече во една транша, рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.
Опозицијата во Собранието, тогаш обвини дека договорот за заемот е направен зад затворени врати, со крајно сомнителни намери и носи политички и економски последици со енормно зголемување на јавниот долг. Наспроти нив, од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека постапката е транспарентна и оти првпат има заем за кој однапред се знае за што ќе биде потрошен иоти ќе се помогне на општините и на стопанството.
Орбан во 2013 година бил во официјална посета на земјава, кога и е одликуван со Орден „8 Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Македонија и Унгарија. Орденот му го врачи тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов, а имал средби и со тогашниот премиер Никола Груевски.
Фото: МИА Архива