Ценевме дека парламентот е простор како законодавен дом каде што оној кој што го предложил оној закон во 2021 година за промена на патните исправи и возачките дозволи има можност и сега да поднесе измени, откако јасно е на сите дека така како што е замислен тој процес нема да оди. Го оставаме тој простор тие да бидат тие кои што ќе се корегираат за грешката која што ја имаат направено, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата Анализа на телевизија 24, потенцирајќи дека тие поднеле иницијатива до Уставниот суд за продолжување на важноста на патните исправи и возачките дозволи.

Мицкоски посочи дека по сето она кое што се случува во текот на издавање на патните исправи и возачките дозволи, Уставниот суд треба да ја уважи иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за продолжување на важноста на истите се со цел како што рече тој да се намали тензијата кај граѓаните.

Од друга страна како одговорна политичка партија цениме дека Уставниот суд е оној орган кој е највисок во државата, и треба да даде свое мислење независно од мислењето на политичките партии. Ние како ВМРО-ДПМНЕ цениме дека тој има можност да интервенира веднаш имајќи го во предвид сето она кое што се случува во процесот на издавање на патните исправи и возачките дозволи. И цениме дека Уставниот суд доколку сака може веднаш, како тоа што го правел неколку пати во минатото, да се состане, и да донесе мерка со која што тој закон ќе го стави вон сила, а после некое време ќе ја цени и уставноста односно да ја цени иницијативата која што ние како ВМРО-ДПМНЕ ја дадовме за да може да се намали тензијата, истакна претседателот Мицкоски.

Мицкоски укажа дека според информациите со кои располагаат уште милион и 300 илјади граѓани треба да ги променат патните исправи, но дека во моментот има некаде околу 30.000 обрасци кои што ги има Mинистерството, и 10.000 кои што се двојазични на албански јазик, што нема да бидат доволно, а нови се очекуваат да пристигнат дури во март.

Според нашите информации некаде околу милион и 200 илјади патни исправи до овој момент се издадени отприлика од 2 милиони и 500 илјади колку што вкупно се издадени и треба да се променат согласно тој закон, што значи дека еден милион и 300 илјади треба допрва да се променат. Имајќи го во предвид капацитетот, цениме дека е потребно најмалку година дена да се заврши на овие милион и 300 илјади на процесот на сликање. Е сега тука се појавува уште еден предизвик со информациите со кои ние располагаме има некаде околу 30.000 обрасци кои што ги има министерството, и 10.000 кои што се двојазични на албански јазик. Тоа значи дека сите оние моментално кои што се во процес на сликање, тогаш ќе се исцрпи капацитетот на моментално расположливите обрасци, а нови нема бидејќи тие ќе стигнат во март, изјави тој.

Мицкоски додаде дека цени дека состојбата е алармантна, како и дека ова е понижување и малтретирање за граѓаните.

Цениме дека ова понижување и малтретирање кое им се случува на граѓаните Уставниот суд е добра територија каде може да се надмине, а од друга страна парламентот го оставаме на владејачкото мнозинство бидејќи тие се мнозинство, доколку тие донесат предлог закон тој ќе се донесе, бидејќи ние сме опозиција, објасни тој.

Што се однесува до изборите, Мицкоски истакна:

Разговараме со многу политички партии, нашата стратегија е јасна. Ние формиравме Комисија за преговори со политичките партии и таа беше поддржана и изгласана и од Извршниот и од Централниот комитет. Планираме прво да разговараме со политичките партии од постојната Коалиција и тоа ќе се случи во првата половина на февруари, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Потоа, додаде Мицкоски, ќе разговараме со сите партии кои имаат желба, намера да пристапат кон ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа ценам дека би требало да биде во втората половина на месец февруари. Во март да ја затвориме структурата на Коалицијата со која ќе настапиме на следните претседателски и парламентарни избори. И потоа официјално да почнеме кампања“, кажа Мицкоски.

Мицкоски информираше дека отприлика ова е тоа што го планираат.

„И очекуваме со нашите сегашни и идни партнери да размениме идеи, да настапиме со документ и таа програма со која ќе излеземе на избори ќе биде и владина програма“, рече Мицкоски.