Во завршното обраќање пред гласањето за Владата, Мицкоски рече дека на „граѓаните им е доста од препирки“ и оти е „потребна работа, посветеност, одговорност и конкретни проекти“.
„Во првите сто дена ќе ги подигнеме стандардите, макотрпно ќе работиме, ќе се грижиме, државата ќе се менува“, рече Мицкоски најавувајќи намалување на даноци, зголемени пензии, проект од 250 милиони евра за општините, нови странски инвестиции, фронт против корупцијата.
Во заклетвата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го користеше името Република Северна Македонија, за што се осврна и во завршното обраќање.
„Ќе ја кажам срамната придавка при заклетвата затоа што ме потсетува на срамот што го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство, на моите неродени внуци. Ќе правам се што можам додека сум жив оваа неправда да ја исправам. За жал, во овој момент сум немоќен. Во овој момент ќе морам да капитулирам како човек пред вас и да ја кажам“, рече Мицкоски.
Тој рече дека нападите што ги слуша овие два дена се сведуваат на две тези – Преспанскиот договор и Францускиот предлог.
„СДСМ, не ја научивте лекцијата. Со овие лаги и конструкции нема да ја повратите довербата, ќе треба време да ја вратите. Изборите ги изгубивте затоа што ви играа фудбалчиња понижувајќи пред се вас како личности вашите коалициони партнери а потоа и Македонија како држава. Изборите ги изгубивте затоа што ви се случија Ласкарци, Беса транс, модуларната болница кога луѓе живи гореа а виновен беше кабелот, ви се случија овие порази на изборите затоа што голобради момчиња по некоја случајност роднински поврзани со лидери на ваши коалициони партнери купуваа трговски центри во центарот на Скопје, поразот ви се случи затоа што се возат најскапи ролс ројсери во едно рурално место во западна Македонија, луѓе кои се поврзани со лидери на политички партии кои беа ваши коалициони партнери, поразот ви се случи поради многу работи за кои го разочаравте народот и најмногу затоа што народот сака да гледа нови луѓе, направете ја таа реформа која е неопходна во вашата партија, направете ја катарзата која и треба на Македонија му треба и на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, рече Мицкоски.
Тој се осврна и на преговарачката рамка со ЕУ и потребата од уставни измени за продолжување на пристапниот процес.
„Ваков бугарски диктат под вакви услови нема да пројде и додека сум јас нема да има уставни измени“, рече Мицкоски.
По изборот, Мицкоски с еогласи и на ФБ, Тој напиша:
Низ вековите наназад, граѓаните на оваа земја неуморно и макотрпно работеа. Во најтешките времиња секогаш беа со својата татковина, жртвувајќи се себе си.
Од генерација на генерација, работата и пожртвувањето беа светилници на нашиот народ.
Денес е време татковината да возврати.
Време е Македонија да работи и да создава за нашите граѓани!
За секој од вас!
За тебе!
За неколку часа започнуваат првите 100 дена од работењето на оваа Влада.
Ветуваме дека макотрпно ќе работиме, дека ќе се грижиме, дека Македонија ќе се менува, дека ќе се движи напред, дека ќе ве почитуваме и дека ќе бидеме одговорни.
– Ќе ги намалиме даноците;
– Ќе ги зголемиме пензиите на 5000 денари;
– Ќе отпочнеме проект со над 200 милиони евра за општински проекти;
– 1 милијарда евра за македонската економија;
– Нови странски инвестиции за нови вработувања;
– Бесплатни учебници за сите;
– Фронт против корупцијата;
– Борба за раст до 5 проценти на македонската економија;
– Почеток на капитални инфраструктурни проекти и многу други работи.
За тебе!
За Македонија!
Ова ќе биде Влада за народот!
Доаѓа новата генерација!
Да ја направиме горда Македонија!