Во вечерашното гостување во емисијата „Интервју“ на телевизија Шења, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ излегува на избори да победи и ќе победи убедливо на парламентарните и претседателските избори.
„ВМРО-ДПМНЕ на овие избори се натпреварува да освои 61 пратеник, знаеме дека тоа е пеколно тешко и ќе се обидеме исто како на локалните избори што испишавме историја таа историја да ја затвориме на овие парламентарни и претседателски избори. На локалните избори успеавме да освоиме мнозинство општини и за прв пат во историјата на Македонија од позиција на опозиција да освоиме мнозинство општини што тоа не се случило претходно. Сега ќе се обидеме прв пат од позиција на опозиција да освоиме мнозинство во парламентот, нема да биде лесно, ќе биде тешко и тоа е нашата задача“, кажа Мицкоски.
Претседателот Мицкоски посочи дека многу пати во минатото кажал за тоа дека после 20 години добро е ДУИ да биде во опозиција.
Што се однесува до уставните измени, тој истакна:
-Јас нудам концепт. Да јас сум ултра про Европеец, и повеќе од Урсула Фон Дер Лајен, но на принципи. Не може некој од мене да бара да вклучам во Преамбулата дел од бугарскиот народ во Македонија, македонски државјанин 762, поради тоа што на тој начин ќе имале поголеми права. А од друга страна Бугарија како земја која ја ратификувала Резолуцијата за почитување на човековите права не сака да спроведе пресуда од Судот за човекови права од Стразбур за почитување на човековите права на македонската заедница во Бугарија, изјави Мицкоски.
Мицкоски посочи дека не сака Европа во која што нема да го почитуваат како Македонец, укажувајќи му на новинарот Насер дека ниту него нема да го почитуваат како Албанец.
Не ми треба мене таква Европа која што нема да ме почитува како Македонец, ниту пак вас ви треба, бидејќи нема ниту вас како Албанец да ве почитува, ако не ме почитува мене како Македонец. Тоа го барам јас, рече Мицкоски и додаде:
Барам тоа што го донела европската институција да го спроведе Бугарија, тоа го барам ништо повеќе.