Европските перспективи, како и актуелните случувања во земјава беа тема на денешната средба во Брисел на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, потпретседателот на партијата Александар Николоски и секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски со комесарот за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеј.

-Државата уште во 2009 година ги исполни сите критериуми за старт на преговорите, но спорот со Бугарија за кој Заев не убедуваше дека ги затворил сите отворени прашања, претставува непремостлива пречка. Она што дополнително загрижува е отсуството на план на Владата за излез не само од економската, туку политичка криза наметната поради застојот на интеграциите, истакнал Мицкоски на средбата.

Како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски посочил дека се забележливи злоупотребите кои власта ги прави со европските вредности, а најеклатантен пример, како што кажал, е воведувањето на поголеми давачки за граѓаните преку злоупотреба на европското знаменце.

-Не сум тука да создаваме препреки на патот кон ЕУ, туку да создадеме позитивна клима за државата да се придвижи напред, а тоа е можно со чесен и искрен пристап, посочил Мицкоски и додал дека патот кон ЕУ нема алтернатива.

Како што се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, соговорниците ги потврдиле добрите и пријателски односи, како и заложбите за соработка на патот кон ЕУ.

20