Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска оствари средба со граѓаните и членовите на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Свети Николе.
Мицкоски пред присутните истакна дека секогаш кога СДСМ е на власт Македонија губи по нешто. Според него, животот кој Зоран Заев го ветуваше во предизборниот период не само што не го донел, туку го претворил и во нивно колективно страдање.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека „СДСМ и Заев се обидуваат со притисоци и закани да го уценат народот да го прифати капитулантскиот договор кој притоа е штетен и значи откажување на се што е македонско“.
– Овде во Свети Николе бев сведок на многу такви сведочења од граѓаните без разлика каде се вработени во државната управа, во локалната самоуправа кои велат дека на дневна основа имаат притисок од нивните надредени, локални функционери на СДСМ кои ги тераат, им се закануваат со губење на работни места доколку не го поддржат ова капитулантско дело на Зоран Заев, рече Мицкоски.
Воедно порача граѓаните да не потпаѓаат на притисоците и заканите од партиските војници на СДСМ. – Ќе дојде денот кога како во нашата гордост, нашата химна повторно утрото ќе се раѓа над Македонија, и кога сите овие кои правеле грешки ќе одговараат пред органите во РМ. Затоа би сакал да ги замолам сите граѓани на Свети Николе и на сите граѓани ширум Република Македонија и да им биде пренесена оваа порака да не се грижат и да не потпаѓаат на заканите уцени од страна на Зоран Заев, додаде Мицкоски.