Во првиот квартал од годинава за пет проценти е зголемен извозот на земјоделски производи, рече премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање како и дали се следи извозот на земјоделски производи поврзано со Полог, кој важи и е претежно земјоделски крај.

-Во првиот квартал од оваа година, скоро за пет отсто е зголемен извозот на земјоделски производи. Кај тутунот се постигна историски рекордна цена, и кај останатите земјоделски производи. Но, исто така и во овоштарството. Така што можам да кажам дека тука е направен голем чекор напред. Но, тука не застануваме – продолжуваме понатаму. Убеден сум дека во периодот којшто следи ќе постигнеме уште подобри резултати, бидејќи тоа влегува во бруто-домашниот производ, и тоа е многу важно за да се развиваме во правилна насока. А ние, како Влада, ќе продолжиме да ги поддржуваме земјоделците, истакна премиерот Мицкоски по пуштањето во употреба пат во Општина Желино,.

Тој информираше дека Владата, токму во земјоделство вложи исклучително многу, при што се вратија и старите долгови. Притоа изрази ветување дека Владата ќе продолжи со поддршка на земјоделците и во следниот период.

-Да, апсолутно. Исклучително многу вложивме и во делот на земјоделието. Кај земјоделците, навистина, доста трансфери се направија изминатиот период и се вратија долгови од минатото. Веќе од оваа година ќе почнеме тековно да ги сервисираме обврските, рече Мицкоски.

Фото: МИА архива