Премиерот Христијан Мицкоски нема голема верба во она што го зборуваат Бугарите за спорот околу идентитетот и јазикот оти од официјална Софија стигнуваат многу различни пораки. По изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев во Тирана во која вели дека не станува збор за вето или блокада, туку за потреба од исполнување на обврските од преговарачката рамка кои земјава веќе ги прифатила, Мицкоски вели дека Бугарите на 24 јуни 25 е имаат прилика на дело да го покажат она што го зборуваат.
„Нашите стари рекле помалку слушај што зборуваат, повеќе гледај што работат. Еве имаме таква можност да го покажат тоа што го зборуваат, на 24 јуни на комисијата за надворешни работи при Европскиот парламент се наоѓа извештајот во кој што очекувам бугарските членови на Европскиот парламент да ги повлечат амандманите во кои бараат македонскиот многувековен идентитет и јазик да се додефинираат со зборчето сегашен или презент, и во рамките на европскиот дух да биде усвоен тој извештај, а потоа и патоказот на малцински права кој што многу скоро ќе биде на дневен ред. Ете, имаат можност тоа што го зборуваат и на дело да го покажат“, рече премиерот Мицкоски денес при посетата на Битола.
Во име на добрососедските односи, премиерот Мицкоски очекува бугарската страна да прифати средба во рамките на состанокот во Хаг, да разговараат и за Коридорот 8 за и таму да тргне работата и овој проект да им биде приоритет.
Бугарскиот претседател, Румен Радев, вчера во Тирана изјави дека нема да има значајни поместувања во однос на евроинтеграцијата на Северна Македонија доколку не се испочитува Преговарачката рамка. Тој нагласи дека Бугарија не поставува нови услови, туку инсистира на целосно спроведување на веќе усвоените договори – како што се Договорот за добрососедство од 2017 година, два билатерални протоколи, и Преговарачката рамка од 2022 година.