Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во интервју за „Директно со Миња Милетиќ“ на Euronews Србија истакна дека нема аргументи за прифаќање на бугарските барања, и изрази жалење што корумпирани политичари претходно за да останат на власт прифаќаа се и сешто.
-Ако ние го прошириме нашиот Устав со повеќе делови од народи, бидејќи таму се наоѓаат и албанскиот, српскиот, турскиот, ромскиот, бошњачкиот и така натаму, тогаш се поставува прашањето што со Македонците од другата страна на границата кои живеат во западна Бугарија? Ако вие од една страна барате да бидете конститутивен народ поради некаков предлог којшто корумпирани политичари во минатото го прифатиле мислејќи дека на тој начин ќе останат во владата, дека ќе им се простат сите криминални скандали кои ги правеле, а од друга страна имате 14 пресуди на Судот за човекови права кој вели дека таму постои македонска заедница која има свои права да организира во клубови во организации и вие не ја почитувате Резолуцијата која што сте ја потпишале за заштита на човековите права, таква Резолуција има потпишано Бугарија, тогаш се поставува прашањето кој е аргументот контра, вели премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски посочи дека лицемерие и двојни стандарди е да се излезе и да се рече дека мора тоа да се направи бидејќи тие се таму каде што сакаме ние да бидеме, а тие да не мора тоа да го направат.
Ако се прашање човековите права тогаш сакам да ги информирам и вашите гледачи дека единствена институција во Европа којашто оценува дали нечии човекови права се нарушени или ограничени е Судот за човекови права во Стразбур и таму има 14 пресуди коишто се однесуваат на нарушување или ограничување на човековите права на Македонците во Бугарија и нула за бугарската заедница во Македонија. Сега ако имате вакви аргументи како можете да излезете пред граѓаните и да дадете логични аргументи имајќи претстава дека претходно сте го промениле знамето, сте го користеле она времено име, сте го промениле уставното име, во неколку наврати сте го менувале Уставот и секогаш некој од Брисел ви велел „уште само ова и тоа е тоа“, потенцираше премиерот Мицкоски,
Премиерот Мицкоски нагласи дека ветил дека ќе се бори и аргументите кои ги имаме ќе се обиде да ги пренесе секаде во светот.
Да се научиме да победуваме и во Вашингтон и во Лондон, Брисел, Берлин Рим, Париз и насекаде во светот, не само дома. Само на тој начин може да ја убедите светската јавност во исправноста на вашите аргументи. Ова се историски процеси, истакна премиерот Мицкоски.