За да издејствува уставни измени, Владата подготвува валкани дилови, тврди претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во изјава за германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг”, пренесува Канал 5.
Весникот објави подолга статија на добриот познавач на регионот, новинарот Михаел Мартенс, кој водел разговор со лидерот на ВМРО ДПМНЕ во врска со пристапот на земјата кон ЕУ.
-Груевски се наоѓа во тајна комуникација со Владата. Владата верува дека може да ја подели нашата партија. Но, тоа нема да успее. Направивме сѐ за нашата европска перспектива. Но, нам ни се поставуваат постојано нови барања, вели Мицкоски за ФАЦ.
На тоа сега е крај, доколку не биде прифатен неговиот предлог за одложена примена на уставните измени, тогаш нема да има никакви промени на Уставот, дециден е Мицкоски.
Весникот во својата анализа пишува и дека пристапните преговори траат многу години, можни се блокади на многу места – а Бугарија не држи воопшто во тајност дека ќе има натамошни барања.