Референдумот инициран како одговор на францускиот предлог, енергетската и финансиската криза, политичките цели и амбиции, како и односите во рамки на опозицијата, се дел од темите за кои разговаравме со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. Во интервју за „Фокус“, Мицкоски изразува увереност дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира следната влада. Притоа, тој најавува повлекување од политиката, ако макар еден пратеник ја изневери неговата доверба
ФОКУС: Зошто со референдум одлучивте да одговорите на усвојувањето на таканаречениот француски предлог од страна на власта, што предизвика силна политичка поларизација и граѓански протести?
МИЦКОСКИ: Единствениот начин како може опозицијата да дејствува е преку референдумско изјаснување, друг начин не постои. Во современата парламентарна демократија може да спречите нешто само доколку го повикате народот да се произнесе и да даде свој став. Токму од тие причини се одлучивме за задолжителен референдум, а не како што беше со оној манипулативниот за Преспанскиот договор, кога имаше прашање со двојно значење. Референдумот и прашањето се многу прецизни и јасни, се однесуваат на изворот на сите проблеми, а тоа е билатералниот договор со Бугарија.
ФОКУС: Многумина противници на францускиот предлог заговараа борбата да се води преку интензивни протести, па дури и радикализација. Според нив, референдумот е невозможно да успее и ќе ги легитимира политиките на власта.
МИЦКОСКИ: Има и такви, кои претежно се инсталации на власта и имаат цел да заведуваат, а не да помагаат, па повикуваат на радикализација, насилство итн. Современата демократија, таков тип пресметки не познава. Водевме сметка прашањето да биде според Законот и надлежностите на парламентот, за спикерот да нема изговор дека тоа не е во надлежност на Собранието.
ФОКУС: И во оваа формална иницијатива избегнувате да го користите уставното име. Зошто го правите тоа, со оглед дека веќе соопштивте дека го прифаќате Преспанскиот договор како реалност?
МИЦКОСКИ: Не е така. Законот за ратификација се однесува на Договорот што го потпишала Република Македонија и Република Бугарија, не се однесува на Договорот што го потпишала Република со новата придавка Македонија и Република Бугарија. Референдумското прашање се однесува за тој Закон – Закон за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан од Р. Македонија и од Р. Бугарија. Ние не можеме да го менуваме законот како нас ни одговара.
ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ со наслов „Државата оди кон банкрот, власта мора да најде над 2 милијарди евра за излез од кризата!“ ПРОЧИТАЈТЕ ГО ВО ФОКУС