Владата планира да го менува македонскиот дел од Мешовитата историска комисија со Бугарија. Дали ќе бидат сменети сите членови или само дел од членовите на комисијата ќе се знае наскоро, бидејќи се планира работата на комисијата и нејзиниот состав да се најде на една од следните седници на Владата.
Ова го соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски по пресот за новата владина мерка „Помалку трошоци-повеќе за тебе!“.
– Комисијата не беше на дневниот ред на денешната седница на Владата, но на некоја од следните седници ќе се разговара за неа и за нејзиниот нов состав – рече Мицкоски.
Тој даде одговор и на коментарот на претседателот на Историската комисија Драги Ѓоргиев, дека „премиерот со своите изјави го компромитира него и работата на Комисијата“.
– Јас досега многупати сум го коментирал господинот Ѓоргиев. За жал, него никој не треба да го компромитира, бидејќи тој самиот себеси се компромитираше, коленичејќи пред министерски кабинети, наместо да си ја гледа работата, но тоа е негов избор – рече Мицкоски.
Премиерот смета дека е неминовно да се смени нешто во работата на комисијата.