Премиерот Христијан Мицкоски смета дека има „многу основа за една критичка дискусија и дебата“ по однос на интерпелацијата на членовите на Судскиот совет во Собранието, нагласувајќи дека очекува пратениците да гласаат по своја волја и убедување дека „ќе биде најдобро за иднината на државата и граѓаните“.

Прашан кои се очекувањата од најавената собраниска Седница за членовите на Судскиот совет кои се гласат во Парламентот, Мицкоски рече дека очекува „членовите на Парламентот да гласаат онака, како што мислат дека треба да гласаат, во однос на интерпелацијата на членовите на Судскиот совет, чиј избор е под ингеренција на Парламентот“.

–  Мислам дека има многу основа за една критичка дискусија и дебата, а секој од парламентарците треба да си одлучува според своја волја и онака како мисли дека треба да одлучи, а кое ќе биде најдобро за иднината на државата и граѓаните. Тоа е суштината, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција по потпишување на сепаратните договори меѓу АД ЕСМ и Банкарска група KfW.

Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ минатата недела до Собранието поднесоа поединечни интерпелации за членовите на Судскиот совет – Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.

Согласно собранискиот Деловник и роковите, очекувањата се дека седница на која ќе се расправа за интерпелациите би имало до или на почетокот на март.

Советот е составен од 15 члена, од кои осум члена ги избираат судиите од своите редови, петмина ги избира Собранието од кои двајца на предлог на претседателот на државата. По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои учествуваат во работата на Советот без право на глас.

Мандатот на избраните членови трае шест години со право на уште еден избор.

По предлог на претседателот на државата, членови на Советот се Весна Дамева, избрана во декември 2019 година и Миљазим Мустафа избран во јули 2019 година.

Членовите на Советот кои се бираат од Собранието се Тања Чачарова-Илиевска избрана во декември 2021 година, Павлина Црвенковска избрана во декемри 2020 година и Селим Адеми избран во декември 2019 година.

Петмина од членовите од редот на судиите беа избрани минатата година. Во декември судиите Аритон Ала од Апелацискиот суд Скопје и Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип, претходно во септември беше избрана судијката Џенета Бектовиќ од Основниот кривичен суд Скопје како член на Советот од редот на судиите припадници на заедниците, кои се помалку од 20 проценти од населението во државата, додека во јуни нови членови станаа судиите Исамедин Лимани од Врховниот суд и Александар Камбовски од битолското апелациско подрачје.

Останатите тројца членови на Советот од редот на судиите се судијката Антоанета Димовска избрана во јули 2023 година, судијата Ивица Николовски избран во септември 2022 и Ханиф Зендели избран во јануари 2020 година.

Единствениот орган за избор, оценка и контрола на работата на судиите и чуварот на довербата на граѓаните кон судството – Судскиот совет, годината ја почна со претседателски „рокади“, а ја заврши со празно столче на функцијата претседател на Советот. На седница на 3 јануари годинава со 13 гласа за нов претседател на Судскиот совет беше избран судијата Александар Камбовски, кој доаѓа од Апелација Битола и беше избран за член на Советот во јуни минатата година.

Фото: МИА архива