Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека реакциите на дел од грчките медиуми по употребата на терминот „Македонија“ во говор на првата дама на САД, Меланија Трамп, се очекувани и не претставуваат изненадување.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски истакна дека вакви реакции постоеле и ќе постојат, нагласувајќи дека државата треба да настапува достоинствено и самоуверено кога станува збор за националниот идентитет.

Воедно, премиерот ги отфрли како неточни обвинувањата во дел од грчките медиуми дека некој дипломат имал пристап до говорот на Трамп пред неговото обраќање.

– Зарем некој може да верува дека говорот на Првата дама на САД, пред таа да го каже во јавноста, оди на рецензија кај некој дипломатски претставник. Јас не верувам. Бидејќи тоа би претставувало безбедносен ризик за САД, рече Мицкоски

Според него, такво нешто не е можно, бидејќи би претставувало сериозен безбедносен ризик и нарушување на протоколите.

Мицкоски порача дека не треба да се создаваат непотребни конструкции околу настанот, потенцирајќи дека Македонија треба да води рационална и принципиелна надворешна политика.

Изјавата доаѓа откако дел од медиумите во Грција бурно и полни со разочарување реагираа на употребата на зборот „Македонија“ од првата дама на САД, што повторно ги отвори чувствителните прашања поврзани со името и меѓудржавните односи.