Претседателот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, денеска изјави дека не би го чудело „Софија да се повлече од барањето за уставни измени, а потоа да го врати пред отворање на вториот кластер“. Од скопски Бутел, каде имаше заеднички настан со тамошниот градоначалник од редовите на неговата партија, тој објаснуваше дека Бугарија е изолирана во ЕУ и дека е можно тактички да се откаже од барањето за промена на Уставот.

Маневарот, како што објасни Мицкоски, би довел до експресно прифаќање на преговарачката рамка во која според опозициската партија е вменат билатералниот договор меѓу Македонија и Бугарија. А ВМРО-ДПМНЕ за цело време тврди дека билатералниот договор и протокол се предавство на македонскиот народ и идентитет.

„Сега нема ништо Бугарија. Бугарија повторно е изолирана во нејзината намера да се фокусира на протоколи и билатерален договор. Тие се уште го немаат европеизирано нивното барање. И тоа ги прави вознемирени. Ако се сеќавате излезе еден брифинг, што ако Софија се повлече од барањето за уставните измени. И не би ме чудело ако Софија се повлече, па некој тоа тука да го претстави како голема победа. Не, повлекувањето на Софија и репроектирањето да речеме пред вториот кластер, ќе значи прифаќање на преговарачката рамка од оваа предавничка влада и тогаш ќе значи дека билатералниот договор сега станал европски договор. Да не ве чуди ако тоа се случи. Да рече Софија се повлекуваме од барањето и да излезат тука Бујар, Димитар, Бојан и да речат еве ние направивме. Не, тоа е маневар. Зошто? Затоа што знаат дека доаѓа владата на ВМРО-ДПМНЕ, силна, која оваа преговарачка рамка ваква нема да ја прифати. Тука ние треба да се фокусираме”, изјави Христијан Мицкоски.