Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во општина Илинден ги прозва ДУИ и СДСМ дека како што се договараат за тендери и криминални зделки, така се договориле и за да нема одговорност за пожарот во модуларната болница во Тетово каде живи изгореа 14 луѓе.
-Толку се нервозни што почнаа меѓу себе да се тепаат по улици, очи да си вадат. Кога ДУИ и СДСМ ќе се договорат за 14 изгорени луѓе од Тетово, сложно викаат дека крив е кабелот, кога не може да се договорат за бизниси делат тупаници среде Скопје. Заев и неговите во оваа кампања се надминуваат себеси. Ако претходно секој ден имаше по еден до два скандали сега се веќе три до четири дневно . Кулминира лудилото, ароганцијата и опиеноста од моќта на владењето, зачинето со страв од пораз па почнаа да се распаѓаат по сите шавови, потенцираше Мицкоски.
Затоа драги пријатели 17 октомври е денот кога сложно треба да ставиме крај на ова лудило, порача Мицкоски.
истакна дека инфлацијата расте, цените на производите се покачуваат драстично, тоа ги јаде семејните буџети на граѓаните, а да можат би им го наплаќале и воздухот на граѓаните.
-Реалноста е лоша, стандардот драстично опаѓа, а гувернерката на НБРМ потврдува дека инфлација има и дека ќе се зголемува. Но тоа најдобро се чувствува кога ќе отидете во продавница, повисоки цени кои го јадат семејниот буџет, половина милион луѓе живеат со 150 денари на ден, покачени цени на масло за јадење, млеко, брашно, a оваа недела повторно, кој знае по кој пат се покачи и цената на бензинот. Се најавува сигурно покачување на цената на струјата, она што постојано го говорам, најпрвин за стопанството, а потоа и за граѓаните, порача Мицкоски на митингот во Петровец.
Тој истакна дека 52 месеци се власт и имаат потрошено 16 милијарди евра народни пари,16 милијарди евра, а нема некој нов автопат кој самите го изградија, а ветија 500 километри. Ветија раст на економијата од 5% годишно,а просекот во овие 52 месеци е четири пати помал и изнесува 1,25%.
-За овие 52 месеци секое семејство го задолжија за 4.500 евра. Секое семејство во Македонија изминативе 52 месеци плати 4.500 евра за да може да трае политичката кариера на Зоран Заев. Ете толку сите нас не задолжи Заев за да може да крадат и уживаат во привилегиите, критикуваше Мицкоски од Петровец.