Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за МИА изјави дека нема ништо криминално во разговорот што денеска е објавен на интернет во којшто се имплицира дека тој се среќавал со бизнисменот Орце Камчев, осомничен во случајот империја додека тој бил под ПИ – мерки. За него, како што вели, е чудно што објавувањето на овој приватен разговор доаѓа само ден откако еден од адвокатите во случајот „Рекет“ пријави закани за ликвцидација на неговиот клиент.
– Тоа е истиот оној разговор што веќе беше објавен. Претпоставувам дека има уште еден дел што не верувам дека им одговара да го објават. Уште ова е тоа што излезе. Таму нема ништо криминално, нема ништо инкриминирачки. Ете ниски страсти, еден приватен разговор. Да, сум бил во болницата, и деновиве одам во болница, да не се мачат да пуштат разговори бидејќи таму е мојата мајка, ја посетувам, така што нека снимаат тие, нека следат, изјави денеска Мицкоски во интервју за МИА што ќе биде објавено во недела.
Мискоски тврди дека е цел на следење, на снимање, и за себе вели дека е „трофеј“ за поедини структури.
-Сето она кое што е инкриминирачки и криминално, противзаконско владеење, како што можевме да видиме во некои други разговори и видеоснимки, мислам дека треба да се охрабрат обвинителите и судиите да постапуваат по тоа каде што има основани индиции за сторен криминал, посочува Мицкоски.
За лидерот на опозицијата е чудно што објавувањето на дел од овој разговор доаѓа по заканата што ја добил адвокатот на Бојан Јовановски.
– Чудно, ова доаѓа еден ден после онаа закана која што ја доби еден адвокат за неговиот клиент… Дуковски кој јавно кажа дека му се заканиле дека ќе го ликвидираат неговиот клиент ако премногу зборува. Она коешто струи во кулоарите во обвинителствоото е дека неговиот клиент Бојан Јовановски поднел неколку десетици кривични пријави против структурите на власта и приложил докази кои што се основани сомневања за сериозен сторен криминал од најгоре па се надолу по вертикала, рече Мицкоски.