Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот митинг во општина Радовиш, му порача на Зоран Заев дека тој веќе се разделил со многуте партнери, а по изборите веројатно „ќе му ја свират онаа песната “, „Побегуља“ од Зона Замфирова, како и тоа дека се што ветил на граѓаните на Радовиш, ништо не се исполнило, а времето на апсолутна власт му е при крај.
-Го слушам Заев како вели дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе се распаднела, како ќе имало развод на бракот и што ли уште не, за разлика од него јас нема да навлегувам во брачниот статус на неговата коалиција затоа што според неговата логика тој веќе се раздели со многу партнери од коалицијата, Либерално-демократската партија, ДОМ, БЕСА, делумно и со ДУИ, кај и да е после изборите ќе му ја свират онаа песната, се сеќавате „Побегуља“ од Зона Замфирова, кај и да е Зоне ќе му избега, а оној Мане кујунџијата и оној негов Манулач усвет има да фатат, рече Мицкоски во Радовиш.
Тој посочи дека Заев наликува на грамофонска расипана плоча и ги зборува истите работи, како пред парламентарните избори, од 2016-та и од претседателските избори 2019-та, како и тоа дека тој ги покраде и ја злоупотреби маката и здравјето на граѓаните, минатогодишните парламентарни избори, а Заев глуми дека е опозиција кога ја има апсолутната власт, вели Мицкоски.
-Јас би му подарил еден ваков календар, затоа што на него може да изброи веќе 52 месеци, веќе петта година е власт во Македонија, а од овде во Радовиш му порачувам дека уште малку му остана апсолутна власт, а време е да си замине, затоа што на нивните митинзи нема да слушнете ниту збор за изминативе 52 месеци, затоа што се што ветија излажаа, рече Мицкоски.
Нам ни треба да создадеме нова иднина. Нова иднина која што се темели на шанси за обичниот човек. Надежта е способност да се виде светлината и покрај сите темнини. Иднина и надеж која ќе донесе промени, проекти и победи. Иднина која ќе стави крај на сите порази и неуспеси во минатите години. Иднина и надеж која ќе ја смени сликата на македонската политика, истакна Мицкоски.
Тој истакна дека одбива да биде дел од политичарите со скандали и афери, но и дека власта е исплашена бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нуди нови мотивирани и свежи луѓе кои влегуваат во политиката за да дадат, а не да печалат за себе.
-Одбивам да бидам дел од политичарите кои ја тонат Македонија во едноличност, афери и скандали. Време е за надеж. Надеж која ќе биде одново изградена од новата генерација на македонски политичари кои ќе работата на создавање на новата иднина. Затоа е исплашена власта. Затоа што понудата на ВМРО-ДПМНЕ се нови мотивирани и свежи луѓе. Луѓе кои влегуваат во политиката за да дадат а не да печалат од политиката за себе, рече Мицкоски.
Тој додаде дека се бори за иднина во која заедно со граѓаните ќе се градат мостови и ќе се рушат ѕидови меѓу народот, иднина која ќе значи почит за земјоделците, работниците, иднина и надеж за народот.
-Јас се борам за иднина во која заедно ќе градиме мостови и ќе рушиме ѕидови меѓу народот. Да создадеме иднина која ќе роди нова надеж кај напатениот народ. Иднина и надеж која ќе ги направи општините да му служат на народот. Иднина и надеж која ќе значи почит кај земјоделецот. Иднина и надеж каде работникот ќе биде повисоко на пиедесталот од политичарот. Иднина и надеж каде слабите ќе ја имаат заштитата, а силните нема да злоупотребата силата. Иднина и надеж во која ќе се знае дека народот е вистинскиот газда во Македонија, порача Мицкоски.