Претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги оцени како брутална лага и манипулација изјавите на лидерот на СДСМ Зоран Заев дека материјалите објавени на Јутјуб за разговор на пратеникот Антонио Милошоски во кои тој се интересира за пресуда на Врховен суд за неговиот татко, се нови материјали.
Според него, станува збор за нелегално стекнати материјали кои требало да завршат во СЈО, а биле пуштени преку Јутјуб каналот за, како што вели, да се тврди дека СДСМ не ги пуштиле бомбите, бидејќи посочи, на тој начин од таа партија ќе признаеле дека не го предале целокупниот материјал што го поседуваат.
-Претпоставувам ќе продолжат и понатаму на Јутјуб да се појавуваат вакви снимки кои што ќе ги коментира Заев. Претпоставувам дека имаат некои работи недокажани со Милошоски. Во периодот кој следи ќе имаат можност да си кажат многу работи и едниот и другиот. Најдобро би било бидејќи бега од мене да излеземе на повторно соочуваме, барем да прифати со Милошоски да си продискутираат. Ние сме фокусирани на 12 април, рече Мицкоски на новинарско прашање на денешната прес – конференција во седиштето на партијата.
Во врска со содржината на „бомбите“ во кои се јавува Милошоски и дали е за него прифатливо пратеник да се јавува на судија за да се распрашува за пресуда за свој близок, Мицкоски кажа дека за него лично тоа е неприфатливо.
-Милошоски си даде коментар поврзан со текстот на тие нелегално стекнати материјали на фб профилот. Немам што да додадам ниту да одземам. За мене лично е неприфатливо да може високи официјални лица во државата – политичари, премиери, кој било друг, да интервенираат кај судии, да издејствуваат одлуки на врховни судови каде се носи амнестија, да може да интеревираат преку познанства и пријателства да обезбедуваат рекетираат средства за финансирање медиуми… Политичарите треба да бидат надвор од интервенциите во судството, рече Мицкоски.
Тој укажа и на еден нелегално стекнат материјал каде, како што рече, самиот Заев се фали дека по методот трас – трас обезбедил одлука од страна на Врховниот суд, каде самиот вели дека на сите нас ни беше јасно дека ова кое што се случи практично не може да се случи без Заев и власта и дека биле напаѓани од невладините итн, но вели, тоа не му пречи на лидерот на СДСМ да биде носител на листа и кандидат за премиер.
Мицкоски рече дека останува на ставот да не се кандидира за пратеник на изборите на 12 април и да биде шпицен кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за мандатар.
Во врска со имињата на лицата кои ќе бидат потенцијални кандидати за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, тоа рече ќе го одлучи Централниот комитет на партијата закажан за вторник, по што кандидатските листи ќе ги објават во јавноста.
Во однос на родовата застапаеност, повтори дека одбива да зборува за проценти, туку се застапува за квалитет, и на зголемување на тој квалитет.
-За жал овде бројките се дефинирани со закон и ние ќе мораме согласно тој закон да постапуваме, односно помалку застапениот пол да биде 40-тина проценти, повеќе застапениот пол да биде 60-тина проценти. Но, не значи дека 40-тина проценти ќе биде помалку застапениот пол токму понежниот, можеби посилниот пол ќе биде помалку застапен на тие листи. Во финална фаза сме на составување на содржината на тие листи, рече Мицкоски.
Запрашан дали може на листата да се очекуваат и лица кои се непартиски определени, тој укажа дека имаа надпартиски кандидат за претседател на државата и оти може да се очекува надпартиски и истакнати личности во својата фела да се најдат и на кандидатските листи за пратеници.
На тоа дали ќе поднесе оставка ако изгуби на изборите закажани на 12 април Мицкоски вели е уверен во победа, и оти тоа го темели на проценки од анкети на јавното мислење.