Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговорајќи на новинарско прашање во врска со посетата на Вашингтон посочи дека станува збор за исклучително успешна посета со интензивна агенда, во која што соговорниците имале можност да видат поинакви политичари, со јасен план и приоритети.
-Посетата во Вашингтон која што имаше интензивна агенда, јас би ја оценил како исклучително успешна посета, во која што соговорниците имаа можност да видат поинакви политичари кои што доаѓаат од тука, не политичари кои што на се велат „да“, туку политичари кои што имаат јасен план. Го претставивме нашиот план, кажавме кои се нашие приоритети и како граѓани и како држава, и мислам дека од другата страна добија информација за тоа што до сега не го слушале, изјави денеска Мицкоски од Охрид.
Тој додаде дека достоинствено ќе се бранат интересите на државата и потенцираше дека во државата мора да владее правото, а институциите да бидат функционални.
-Ние нема да бидеме политичари кои што надвор за се викаат „да“ и ја држат раката за срцето со подведена кичма. Напротив, достоинствено ќе ги браниме нашите интереси, за нешто ќе се сложиме за нешто нема да се сложиме. Тоа е она кое што е наш приоритет. Ние немаме намера македонските граѓани, ниту Македонија да ги ограбуваме. Напротив, мора да владее правото, мора институциите да се функционални, мора политичарите да бидат слуги на граѓаните во рамките на можностите. Заврши времето кога имавме неколку среќни политичари и стотици илјади несреќни граѓани, сега треба обратно да биде работата поставена, сосема спротивно од тоа што беше до сега, рече Мицкоски.
Фото: МИА архива