Семејствата во социјален ризик од општина Кочани денеска ги добија клучевите од становите во третата социјална зграда како инвестиција на АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор.
На предавањето во употреба на становите присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, заменик министерот за социјална политика, Ѓоко Велковски и директорот на акциониерското друштво, Марјан Стефановски. Објектот има 35 станови со површина од 35 до 45 квадратни метри, а наменети се за граѓани од ранливите категории.
-Задоволство е кога се пушта во употреба ваков објект и кога имаме корисници коишто се задоволство го очекуваат овој момент. Имав чест да им доделам клучеви на едно семејство и на еден корисник на социјални станови со што правиме добри работи за луѓето и ќе продолжиме така, истакна премиерот Мицкоски.
За комплетирање на третата социјална зграда во Кочани се инвестирани 72 милиона денари, а вицепремиерот и министер за транспорт Николоски најави дека наскоро вакви станови ќе добијат и граѓани во Велес и во други општини.
-Во моментов работиме на довршување или на изградба на социјални станови во Прилеп, Македонска Каменица, опшптина Сарај и Бутел во Скопје. Исто така, работиме и на реализација на комерцијални станови, јавноста е запозната дека комерцијалната зграда што се гради во Битола ќе биде понудена на продажба по цени коишто се реални. Тоа е илјада евра за метар квадратен станбена површина, 500 евра за метар квадратен за гаража и деловните простории по две илјади евра за метар квадратен. Со тоа би можело да се влијае на енормно високите цени на пазарот за недвижности, истакна Николоски.
Беше најавено дека комерцијални станови по пониски цени со средства од државниот буџет ќе градат и во Охрид и Скопје, а целта е да се влијае врз нормализирањето на цените на станбениот простор, со оглед што многу млади семејства немаат можност да плаќаат по две и пол илјади евра за квадратен метар.
Премиерот Мицкоски присуствуваше и на предавањето во употреба на петтиот клон на детската градинка „Павлина Велјанова“, лоциран во населбата Драчевик во Кочани. Изградбата почна пред пет години во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го реализираше тогашното Министерството за труд и социјална политика, а со финансиска поддршка од Светска банка.
За изградбата на објектот Општина Кочани доби грант од околу еден милион евра, а имаше и сопствено учество во подготвителните работи. Капацитетот на градинката е проектиран за 110 деца, со шест занимални, на две нивоа со вкупна површина од 995 квадратни метри.
Фото: Влада