За случувањата на Блискиот Исток, недвосмислената осуда на нападот врз Израел од Иран ќе биде придружена со повик од сите членки на Европскиот совет да направиме сè што е во наши раце за да се смири оваа криза, да не се прошири и да не добие карактеристики на регионален конфликт, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис при пристигнувањето на вонредниот Самит на ЕУ во Брисел, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис изрази задоволство што на Самитот ќе се разговара и за ситуацијата во Либан, „која директно влијае и на Кипар, бидејќи има значителни бегалски бранови од Либан кон Кипар“.
-Ги поддржуваме напорите на Република Кипар за да се запрат овие бранови, но во исто време да можеме и на Либан да му ја обезбедиме поддршката што му е толку потребна, за оваа земја, која многу има поминато, да може конечно да се стабилизира, порача Мицотакис.
Дополнително, рече дека ќе стане збор и за односите меѓу Европската унија и Турција и изрази задоволство за донесените заклучоци, „кои го препознаваат фактот дека односите меѓу ЕУ и Турција можат да напредуваат, но секогаш во рамките на одлуките на Европскиот совет кои се донесени во последните години“, но и задоволство што „напредокот на евро-турските односи се поврзува со напредокот што може да се постигне за кипарското прашање“.