Постоечката „Кошничка за домаќинствата“ во грчките супермаркети со производи, чии цени треба да останат исти или да има минимални покачувања, се проширува со „Божиќната кошничка“, односно се додаваат шест категории продукти неопходни за празничната трпеза, па така ќе вклучува мисиркино, јагнешко и козјо месо, чоколади, милиброд и новогодишна погача, јави дописничката на МИА од Атина.
Според Министерството за развоја на Грција, цените на производите во „Божиќната кошничка“,што стартува денеска се очекува да бидат исти или пониски споредбено со лани, а ќе трае до 3 јануари 2025 година.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во понеделникот преку Фејсбук соопшти дека и оваа ги воведуваат традиционалните празнични кошнички, а од 18 декември ќе биде воведена „Кошничката на Дедо Мраз“ со десет категории на играчки за најмладите.
– Божиќ секогаш им носи радост на семејствата, а особено на децата. Но, значи и дополнителни потреби за возрасните. Затоа, државата мора да биде покрај нив. Не само со општи мерки кои ја подобруваат заработката или ги намалуваат даноците. Туку и со насочени иницијативи за трошоците за празниците, напиша Мицотакис на Фејсбук.
„Кошничката за домаќинствата“ во грчките супермаркети беше воведена во ноември 2022 година и содржи над 50 основни производи, а пракса на грчката Влада е во одредени периоди од годината, како што се Божиќ и Велигден да се дополнува со сезонски продукти.