Пораката дека Грција нема да ги ратификува трите меморандуми за соработка сè додека не постои целосно усогласување со одредбите од Договорот од Преспа, но и ставот дека отстапувањето од Договорот ќе донесе последици и на европскиот пат на Македонија и во билатералните односи, ги изрази грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Во однос на тоа што ќе правиме, со јасна изјава ја предупредив и новата Влада на Скопје дека кое било отстапување од Договорот, сигурно е дека ќе има сериозни последици во нашите односи со Македонија, но и на патот на Македонија кон Европа, истакна Мицотакис.

Потсети на неговото, како што рече, предупредување во 2019 година дека „ратификацијата на Договорот нè обврзува во иднина да го спроведеме“.

-За одредницата „македонски“, ова за жал е гарантирано во Договорот од Преспа и ова беше нашето големо несогласување, односно придавките македонска нација и македонски јазик, а не „северномакедонски“, рече Мицотакис.

Коментирајќи ја вчерашната одлука на опозициската СИРИЗА да ги достави во Парламентот трите меморандуми, грчкиот премиер рече дека е пракса која „навистина ги достигнува границите на апсурдот“.

-Ми направи впечаток фактот што вчера СИРИЗА побрза да ги достави трите меморандуми во Парламентот. Сега, кога го гледаме она за што се сомневавме веќе подолг период дека може да дојде следната Влада и на некој начин да го оспори јадрото на Договорот, што всушност е ерга омнес, односно едно име за сите. Сега да дојдеме ние да ги ратификуваме меморандумите и да го изгубиме секое преговарачко оружје што го имаме за Скопје?, истакна грчкиот премиер.

Посочи дека ги следеле политичките случувања кај нас, гледале дека доаѓа нова Влада, го читале тоа што било кажувано и како што објасни, затоа избрале да не ги ратификуваат меморандумите.

-Ние нема да ги ратификуваме меморандумите сè додека не сме апсолутно убедени дека другата страна е усогласена со сите одредби на Договорот од Преспа, порача Мицотакис.

Во однос на постапката на лидерот на Грчко решение Кирјакос Велопулос да го скине Договорот од Преспа на собраниската говорница, рече дека не сака да ги коментира „патриотските испади на Велопулос, кој има направено кариера врз овие прашања“ и истакна дека граѓаните сфаќаат што значи „одговорен патриотизам и кои се патриоти во пракса