Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва од штабот на партијата изјави дека граѓаните кои гласале „против“ на референдумот и оние кои не излегле на гласање ја испратиле најгласната порака дека „Ова е Македонија“.
На прес-конференцијата, Мицкоски оцени дека Македонија се изјаснила против Договорот со Грција.
– Овде живеат Македонци, нашиот идентитет е македонски, нашиот јазик е македонски, нашите предци биле Македонци, рече Мицкоски, додавајќи дека референдумот е пораз не само на Договорот, туку и на, како што кажа, криминалното владеење на власта.
Запрашан дали ќе прифати предвремени парламентарни избори Мицкоски кажа дека Заев не треба да бара предвремни парламентарни избори туку подобро му е да се подготвува за политичка пензија.
Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Мiцкоски.
Името ни е големо, велеше Блаже Коневски.
Ова е Македонија, секој еден од вас, старо младо, машко и женско.
Македонија денеска кажа, соопшти, дека договорот не поминува. Имаме длабоко неуспешен референдум. Политиката на владата и Зоран Заев доживеа дебакл, а денес Македонија вистински победи.
Бројот на граѓани кои не дадоа поддршка на овој срамен договор, односно бројот на граѓани кои апстинираа од гласање или пак гласаа против договорот е драстично поголем од оние граѓани кои гласаа за договорот.
Факт е дека договорот со Грција не доби зелено светло, доби стоп од народот. А, народот, народот на Република Македонија кои се сопственици на оваа земја покажа исклучителна демократска и патриотска свест.
Граѓаните, оние кои гласаа против договорот, и оние кои одбраа со апстиненција да кажат што мислат ја испратија најгласната порака- Ова е Македонија, овде живеат Македонци, нашиот идентитет е македонски, нашиот јазик е македонски, нашите предци се Македонци такви ќе бидат и идните наши поколенија, и затоа ви благодарам и ја имате мојата почит.
Нашиот народ е силен. Народот не го скршија, ниту уцените, ниту бруталните закани, ниту јавувањата на директорите по институции, ниту правените списоци и малтретирања на граѓаните.
Дека власта е разголена и тотално разобличена со сета своја немоќ покажуваат и оние очајни обиди наводно во име на ВМРО-ДПМНЕ да се праќаат пораки до нашето членство се со цел да излезат на гласање, или работата на кол центрите од власта кои се јавуваа на граѓани, во време на изборниот молк за да излезат да гласаат.
Ќе дојде време да одговараат за малтретирањето на народот, но и да се одговори како тоа приватните телефонски броеви на граѓани се најдоа во рацете на луѓе на штабот на власта и СДСМ.
Ќе одговарате и за наполнетите кутии во Сарај, Струга, и на други места каде пробавте да ја фалсификувавте волјата на народот и ќе дојде часот кога ќе треба да објасните зошто минатите избори имаше 45% излезеност, а сега фантастични 95%.
Ќе одговарате и затоа што локални шерифи на СДСМ директори и градоначалници посетуваа домови на граѓани и на сила и под закани ги уценуваа да излезат и да гласаат, спротивно од нивната волја.
И народот покажа дека не ви се плаши. ВМРО-ДПМНЕ останува со народот и ќе ве победиме. Затоа што ова денес е пораз не само за договорот со Грција, туку и за криминалот на власта, за наместените тендери, за уништената економија, за немањето на проекти во здравството, во образованието, за бизнисите на Вице, за Анѓушев, за неостварените ветувања. За криминалците кои ги пуштивте на слобода, за одземениот спокој и сигурност. Народот е на нозе, а никој до сега не победил народ.
Денес народот даде свој вредносен суд. Заев и неговата влада се делегитимирани, новата општествена реалност говори дека политиките на Заев и владата паднаа и тоа е јасно на огромен дел граѓани на Македонија, а од денес тоа им е многу јасно и на Заев и неговите пајташи.
И сега, сакам една порака до оние невешти спинери на власта, до онаа корумпирана армадила платена со државни пари, и лажните душегрижници за вмровските работи, два месеци ширевте невистини, два месеци книжевте нарачани анкети, колективна хипноза сакајќи да го манипулирате сопствениот народ, па велевте те дека сум се договорил за нешто со Заев, те дека ќе го разорачам народот, те дека ВМРО ќе се распаднело, а ја сум бил нечија продолжена рака и еве сега можеме да се погледнеме во очи, и тогаш и денес ви кажувам Македонија ќе победи, и ќе продолжи да победува, ВМРО-ДПМНЕ бил, е и ќе остане со народот, бидејќи организацијата е народот, а народот е организацијата, и народот ќе ве победи.
Имаме нова општествена реалност, каде народот, македонскиот народ, обичните граѓани Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци нека ми простат оние кои не ги споменав, покажаа мудрост и не дозволија да бидат заведени.
Оваа е желбата на народот која ВМРО-ДПМНЕ ќе ја следи.
Народот освен на договорот кажа не и за манипулациите на власта со вистинските вредности на Европската Унија и НАТО и обидот погано власта да ја злоупотреби оваа заедничка цел, некоректно и непотребно вметнувајќи го во референдумското прашање. Волјата и апсирациите за членство во ЕУ и НАТО се наши стратешки приоритети, тие се тука, и постојат, но сите треба да го почитуваме фактот дека народот има свои перцепции и приоритети кои што им се посебно важни како што е името на оваа држава, и нивниот идентитет, пренесен од колено на колено, од дедо на внук.
Утре е нов ден, 01 октомври, а реалните проблеми остануваат за решавање.
Власта го изгуби легитимитетот и единствено што преостанува е да ја почитува волјата на народот.
Оваа порака од народот треба да ја почитува премиерот, владата, собранието, сите партии, секој еден пратеник, без разлика на која политичка партија и припаѓа.
Бидејќи народот е најголем репрезент и најзначајниот фактор.
Тоа што не успеа овој референдум е директна вина на Зоран Заев и владата и никој друг. Прво затоа што склучи штетен и лош договор, второ ја лажеше меѓународната заедница преставувајќи лажна афера дека овој договор ќе помине, а водејќи се од желбата да ја спаси својата кариера и ги прикрие криминалните афери, и трето затоа што на сила преку брутална манипулација и кршење на законите и Уставот проба овој договор да помине кај граѓаните.
Колку и да се обидува да глуми Заев некаков си лажен триумфализам и да се удира во гради говорејќи за избори, смрштениот израз на лицето кажува дека потонале сите бродови, а богами и тендерите.
Денес речиси 1 милион и 200 илјади граѓани кои се јасно и недвосмислено за членство на државава во ЕУ и НАТО кажаа дека се против промена на името. Тие луѓе повторно се за членство во овие организации и тоа не може да го смени ниту Заев ниту било кој друг политичар. Овие луѓе ја сакаат Европска Македонија, но се против договорот Заев, Ципрас и тоа треба да им е јасно.
Денес 250 илјади Македонци излегоа да гласаат, излегоа и припадници од другите заедници. Некои беа убедени во тоа што го кажуваа од власта, други беа донесени во заблуда, а добар дел беа подложни на притисок, уцени и закани. Јас имам разбирање за сите нив. Потребно е да застане времето на поделби, и Македонија да тргне напред. Поларизацијата меѓу народот е вештачка и е создадена од Заев, тоа ќе престане, а народот мора да се сплоти.
Почитувани граѓани на Република Македонија,
Македонија денес се изјасни против договорот. Битката продолжува до конечната победа, да сте живи и здрави.
Македонија вечна!!!
Македонија ќе победи!!!