Поранешниот директор на тајната полиција Сашо Мијалков чека одлука од Апелација дали ќе излезе од затворот во Шутка, откако побара да му се укине притворот.
Стојам на зборот дека нема да избегам, им рече Мијалков на апелациските судии од кои заедно со неговите адвокати побараа да му се укине притворот во случајот „Титаник 2“, каде тој доби затвор од три години.
– Би сакал да ја рефреширам меморијата дека под истата околност веќе предложија мерка притвор за мене, а овој суд не ја прифати и ми определи други мерки кои јас во изминатата година и пол ги почитував. Ќе потсетам на тие околности, мојот имот во странство, престојот во Чешка, наводните мои контакти, другите постапки против мене… Овие околности ги имаше и тогаш и сега. Тогаш пред овој суд дадов збор дека нема да помислам на бегство. Поминаа скоро две години такво нешто нема. Јас на тој збор и денес стојам, рече Мијалков.
И адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски рече незаконски и неосновано е изречена мерка притвор за Мијалков до извршување на затворската казна бидејќи досега не прекшил ниту една мерка.
Обвинителката како образложение за можно бегство на Сашо Мијалков ги наведе неговите контакти кои ги има создадено со оглед на тоа дека подолго време бил во тајната служба на државата.