Звонко Костовски, еден од вработените во УБК кои наводни ги открија „бомбите“ денеска во Кривичниот суд продолжи да сведочи во случајот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“. Тој денеска одговараше на прашањата на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Мијалков го потсети сведокот дека израелска фирма во неговата канцеларија им презентирала т.н. тактичка опрема за прислушување и оти тогаш Израелците поставиле уред на прозорецот и отвориле три лаптопи преку кои се фаќале телефонските броеви кои разговарале во тој момент и оти во живо можеле симултано да се слушаат 30 луѓе.
– Рековте дека Горан Грујевски и Сашо Мијалков имале компјутер преку кој имале пристап до системот за следење на комуникации. Дали покрај исказот имате и материјален доказ? – праша Мијалков, кој поставува прашања врз база на тоа што Костовски го кажа во одговорите кои на претходите рочишта ги даде на прашањата од СЈО.
– Немам – одговори тој, на што Мијалков прокоментира дека без докази останува да му се верува само на зборот.