Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, денеска во судницата во Кривичниот суд го испрашува сведокот Звонко Костовски во случајот „Таргет-Тврдина“. Костовски заедно со Ѓорѓи Лазаревски, се вработените во МВР кои ги открија „бомбите“, а Мијалков на крајот го праша за пронајдени пари кај нив двајцата, кои првично беа осомничени во случајот „Пуч“.
– Рековте дека никогаш немало никакви плаќања во својство некој да ви плаќа за да ги собирате овие разговори. Дали знаете дека во истрагата, на сметките на Ѓорѓи Лазаревски и на членови на неговото семејство биле пронајдени преку 100.000 евра, а кај вас имаше акции во вредност од преку 40.000 евра? – праша Мијалков.
Костовски возврати дека ова е лага.
– За Ѓорѓи Лазаревски, не знам. Овие 40.000 евра се шпекулации и го молам судот да провери, да доставите докази зашто ова е лага – рече сведокот.
Мијалков, претходно во денешното испрашување, се обиде да го дискредитира Костовски како сведок, а посочуваше оти и тој самиот бил таргет во прислушувањето. Но Костовски тврдеше дека Мијалков не бил таргет, туку дека неговите разговори ги ваделе од снимките на другите таргети.
Ексшефот на тајната полиција во оваа насока прашуваше и дали Костовски имал можност преку програмата за прислушување да прави промени, односно дали можел да ги промени својствата во разговорите за тоа кој е таргетот, а кој е соговорникот. Костовски одговараше дека со тој програм кој го имале не можело да се направи тоа и дека тој не го правел тоа, а дека можеби можело тоа да се направи со некоја друга програма.
Во испрашувањето кое трае од утрово, Мијалков споменувајќи ги бројките на прислушувани броеви и лица, излезе со математика дека годишно системите на УБК можеле да прислушуваат до 400 броеви.