На денешната трибина во организација на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево „Инфраструктурна платформа за иднина“ на тема „Концепт за инвестиции во инфраструктурата“ свое обраќање имаше Горан Мијоски, професор на Градежниот факултет Скопје кој што истакна дека Македонија заостанува во инфраструктурата и автопатиштата зад регионот а идната влада треба да има современа стратегија за поврзување на Македонија со регионот со квалитетна автопатска мрежа но и посочи неколку измени на закони со цел квалитетна градба и современи автопатишта за полесно поврзување.

„Најраспространетите и најразвиени системи во Македонија и светот се патиштата. Ако имаме визија треба да знаеме дека на развојот на патната мрежа во нашата држава не смее да се гледа само изолирано во локални наши рамки туку мора тоа поврзување да биде регионално со тоа што ќе се изградат врски со соседните земји. Да се интегрираме во регионот и Европската Унија. Во моментот ние имаме близу 14 800 илјади километри патишта од кои што 300 километри се автопатишта 90 километри експресни патишта 3 800 локални регионални и останатите 8 000 локални патишта. Развојот на автопатската мрежа во Македонија заостанува и зад регионот и зад Европа“, нагласи Мијоски.

Мијоски посочи дека Македонија заостанува во регионот во инфраструктурата и патиштата и додека во Европа се грижат за безбедноста, подобрување на опремата сервисот  и услугите на патиштата бучавата, вибрациите  и заштита на околината Македонија не може со години да изгради неколку автопати.

„Додека ние се обидуваме да изградиме патишта во Европа се посветени на други димензии како безбедноста во сообраќајот, подобрување на патната опрема сервис и услуга, заштита на околината, бучавата, вибрации итн. Примена на нови енергенси се истражуваат и пробни делници за автономни возила без возач. Градежниот сектор има огромен импакт во вкупниот развој на државата. 7 проценти  припаѓа на градежништвото, 7,7 проценти од компаниите во Македонија се од градежништвото а 6,5 % од вработените во стопанството во Македонија се исто така од овој сектор. Сепак состојбата во ниско градбата е на незадоволително ниво“,истакна Мијоски.

Мијоски кажа дека визијата на идната влада треба да биде современа стратегија и поврзување на Македонија со регионот, квалитетна автопатска мрежа и промена и дополнување на закони за градба и јавни набавки.

„Која е визијата, ние ги имаме лоцирано проблемите и имаме план што да направиме и како да одиме напред. Од аспект на развој на патната мрежа би требало да настојуваме да ги изградиме нашите автопатишта. Нашата визија треба да биде поврзување на Македонија со сите соседни држави со автопатска мрежа или со експресни патишта при што ќе имаме една современа стратегија. Во првата година од мандатот можеби ќе треба да се реализира и неопходно е да се направат промени во законската и техничката регулатива тука пред се мислам на законот за градење кој што е основен закон. Како и нов закон за јавни патишта а исто така треба да се разгледа и законот за јавни набавки каде што единствен критериум мора да се напушти да биде само најниската цена за изградба“, потенцира Мијоски.