Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе го назначи Мик Малвејни за вршител на должноста шеф на неговиот Кабинет.
Малвејни сега е раководител на Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа. Тој е поранешен конгресмен – републиканец од Јужна Каролина.
– Среќен сум што можам да соопштам дека Мик Малвејни, директор на Белата куќа за буџет, ќе биде назначен за привремен шеф на канцеларијата на Белата куќа за да го замени генералот Џон Кели, кој се истакна служејќи и на нашата земја, напиша Трамп на Твитер.
Претседателот на САД нагласи дека со нетрпение очекува да соработува со Малвејни, „кој ќе ја преземе новата функција додека продолжуваме да ја правиме Америка повторно голема“.
– Џон Кели ќе се повлече како шеф на мојата канцеларија на крајот од годината, потсети Трамп.
Тој го нарече Кели „голем патриот“ и притоа му се заблагодари за неговата служба.
Пред да стане шеф на канцеларијата на американскиот претседател, во јули минатата година, пензионираниот генерал Кели беше министер за безбедност.