Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески е осуден на три и пол години затвор а претседателот на тогашната Комисија за јавни набавки Томе Ѓурчилов на три годни затвор.

Другите четворица, Димитар Димовски Марица Тасева, Димитар Гаќев и Весна Томчевска, сите членови на Комисијата се осудени на условни казни од две години затвор доколку во следните пет сторат друго кривично дело. Покрај ова, осудените треба да ја платат и штетата од околу еден милион евра, пари што државата ги исплатила на фирмата „Сан Сити“, како камата за раскинатиот договор за изградба на комплексот „Сончев град“. Во образложението на пресудата, судијата Осман Шабани, меѓу другото рече дека осудените како службени лица иако знаеле дека постапуваат незаконски сепак ја извршиле наредбата на претпоставениот Јанакиески.

Застапникот на обвинението, обвинителот Бурим Рустеми изрази задовослтво од пресудата и најави жалба само за заменик претседателот на Комисијата за јавни набавки, Димитар Димовски.

Одбраната пак не попушта пред ставот дека во случајот „Топлик“ кривично дело нема. Адвокатот на Димовски, Панче Тошковски најави жалба наведувајќи дека, како што рече, македонското судство денес го допрело дното.

Сите шестмина се осудени за злоупотреба на службената положба и овластувања и имаат право на жалба до Апелацискиот суд Скопје.