Аргентинскиот претседател Хавиер Милеј изјави дека неговата влада „секој ден е сè поблиску“ до враќање на суверенитетот над Фолкландските Острови продлабочувајќи го дипломатскиот спор предизвикан од политичката прослава на аргентинската репрезентација по победата над Англија на Светското првенство претходно оваа недела – пишува бриселскиот портал „Политико“.
Милеј на „Икс“ се потсмеваше со реакцијата на Велика Британија на прославата на аргентинските фудбалери.
„Додека некои се зафатени со бесни изливи достојни за тинејџери со еден неврон, ние дипломатски се приближуваме секој ден кон враќањето на Малвините (Фолкландските Острови), Јужна Џорџија, Јужните Сендвички Острови и околниот морски простор“, напиша Милеј.
Неговата изјава дојде како одговор на објавата на Марк Зел, претседател на израелскиот разгранок на Републиканската партија на САД, кој ја повика администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преиспита долгогодишната политика на Вашингтон кон Фолкландските Острови и да го поддржи барањето на Аргентина за суверенитет.
Откако ја победија Англија во полуфиналето на Светското првенство во средата, фудбалерите на Аргентина развија транспарент на кој пишуваше Las Malvinas son Argentinas („Малвините се аргентински“).
Британскиот министер за бизнис Питер Кајл го нарече потегот „целосно несоодветен“ и ја повика ФИФА да спроведе истрага, а портпаролот на британскиот премиер Кир Стармер рече дека Светското првенство можеби не е британско, но Фолкландските Острови сигурно се.
Пред натпреварот, потпретседателката на Аргентина, Викторија Виљареал, ги нарече Британците „пирати што ги узурпираа островите“.
ФИФА вчера соопшти дека нејзиниот независен дисциплински комитет ги разгледува извештаите од натпреварот и околностите на инцидентот пред да одлучи дали да покрене дисциплинска постапка.
Милеј ја бранеше постапката на аргентинската репрезентација оценувајќи дека транспарентот претставува легитимен израз на националните чувства.
„Малвинските Острови ѝ припаѓаат на Аргентина. Ќе ги вратиме и тоа ќе го направиме дипломатски“, изјави претседателот на Аргентина за Радио Обсервадор.
Сепак, само еден ден претходно Милеј ги повика граѓаните да не го поврзуваат фудбалот со спорот за суверенитетот над островите оценувајќи ги таквите гестови како „евтин патриотизам“.
Фудбалската асоцијација на Аргентина беше казнета во 2014 година откако истиот слоган беше прикажан пред пријателскиот натпревар со Словенија.
Фолкландските Острови, наречени Малвински Острови во Аргентина, се предмет на спор за суверенитет со децении.
Велика Британија и Аргентина водеа кратка војна за овој архипелаг во Јужниот Атлантик во 1982 година по што Лондон ја задржа контролата врз островите.




