Доста ни е од транзиции, преодни периоди, кризни состојби, афери, рекетирање бизнисмени, национализми, политички препукувања, префрлање вина од едни на други политички актери. Дојде моментот кога општите формулации кои постојано ги повторуваме – барање правда и правичност, подобра бизнис-клима, спречување на корупцијата и сивата економија, намалување на административните бариери, дуално образование… да се конкретизираат до степен што ќе овозможи активно дејствување на сите учесници во градењето на оваа држава, вели во разговор за МИА потпретседателката на Стопанската комора на  Македонија, Елена Милевска Штрбевска.

Освен што ја испраќа пораката дека бизнисот секогаш бара доверба, сигурност и правен континуитет, Милевска Штрбевска се осврнува и на арбитражата која, нагласува, е најдобриот алтернативен метод за решавање на деловните спорови.

– Потребни се реформски чекори што ќе обезбедат стабилно правосудство, ефикасно Јавно обвинителство, критички став за сите прашања кои го гушат правото, правдата и правичноста, доследна имплементација на прописите во практиката и брзо решавање на предизвиците на тој пат. Владеењето на правото е темелна вредност која треба да биде поставена на здрави основи, за да може да се градат и здрави политики. Доколку во правосудството не се спроведат темелни реформи, ниедна друга промена нема да има смисла, укажува Милевска Штрбевска.

Јасно е, додава таа, дека ефикасното функционирање на системот на заштита на правата има големи импликации врз работењето на деловните субјекти. Решавањето на ова значајно прашање ќе значи и подобрување на ликвидноста на компаниите, а со тоа и поттикнување на економскиот раст.

– Од нашите анализи и податоци кои произлегуваат од нашите компании-членки, можам да констатирам дека принципот на владеење на правото, како темелна вредност на правниот поредок, сé повеќе го поткопуваат проблемите поврзани со сивата економија, особено во е-трговијата што уште повеќе дојде до израз во периодот на пандемијата: корупцијата – особено во јавните набавки, нееднаквите правила на игра, бавната администрација – особено во делот на издавањето дозволи, одобренија, согласности и други документи потребни за водење бизнис, дискреционите овластувања – особено во делот на наплатата на побарувањата на компаниите од јавниот сектор, бавните судски постапки…, истакнува Милевска Штрбевска.

Според неа, загрижувачки е фактот дека сите аномалии кои се пречка за економски напредок – корупција, сива економија, дискрециски овластувања, бавна администрација, пробивање на законските рокови, фаворизирање или дискриминација по разни основи, долги судски постапки и одлагања на судски рочишта, се токму причина или последица на несоодветната имплементација на прописите во практиката.

– Неопходно е најитно да се преземат активности во насока на подобрување на состојбите во правосудството и пристапот до правдата. Особено проблематично во пракса се покажува прашањето за независноста и непристрасноста на правосудните органи, во смисла на какви било влијанија од страна на законодавната и извршната власт, бидејќи изминатиот период сме сведоци на бројните судски процеси, чиј тек, повеќе или помалку, е зависен од политички влијанија, со што се доведува во прашање самостојноста, независноста и непристрасноста на судството како еден од темелите на правната држава и владеењето на правото, вели потпретседателката на Стопанската комора.

Стопанската комора, потсетува Милевска Штрбевска, отсекогаш водела сметка да се држи настрана од дневно-политичките случувања и да не се занимава со прашања надвор од економијата. Но, дојдено е времето кога треба прашањето за владеење на правото во земјава да биде предмет на разгледување и од страна на бизнис-заедницата.

– Сметам дека регулативата е на релативно високо ниво во однос на усогласеноста и со највисокиот акт на државата и со правото на ЕУ, но постојат големи отстапки во имплементацијата на прописите во праксата, односно нивната недоследна примена. Нашето искуство покажа дека не се предвидени посебни санкции за да се обезбеди ефикасно спроведување на законските акти, освен моралната и политичката одговорност и одговорноста пред Собранието. Основен услов за владеење на правото е соодветна имплементација на донесените прописи, од причина што колку и да се добри законите, тие ќе останат „мртво слово на хартија“ доколку правилно и во целост не се имплементираат во пракса. Бизнис-заедницата постојано укажува дека претераната регулација претставува проблем, особено во подрачја каде што тоа навистина не е потребно, но уште поголем проблем претставува постоењето на прописи кои не се почитуваат и применуваат соодветно во практиката, посочува Милевска Штрбевска.

Воедно таа оценува дека прашањата поврзани со владеењето на правото и правната држава се нешто што е нераскинливо поврзано со нашата европска перспектива.

– Во име на бизнис-заедницата, сакам да потенцирам дека сето тоа подразбира: итно спроведување на реформи во правосудниот систем, ефикасно спроведување на законите и нивна еднаква примена, слобода на медиумите, но и соодветна регулатива за нивната работа и одговорност, особено на порталите, социјалните медиуми и слично, почитување на човековите права, ефикасно функционирање на институциите на системот, воведување ефикасен механизам за наплата на побарувањата што ги има приватниот од јавниот сектор, како и дигитализација за која и бизнис-заедницата верува дека ќе биде во функција на намалување на сивата економија и неефикасноста на државната администрација, потенцира Милевска Штрбевска.

Во однос на долгите судски постапки, таа нема дилема дека арбитражата е одлична алтернатива. Но, кај нас, за жал, вели Милевска Штрбевска, се уште е мал бројот на предметите, иако предностите се повеќе од јасни: едноставна и флексибилна постапка, брзо одлучување, помали вкупни трошоци, едностепеност, олеснет режим на признавање и извршување на донесените арбитражни одлуки во странство.

– Кратко и јасно, арбитражата, како алтернативен метод за решавање на деловните спорови, е конкретна алатка што ја обезбедува Стопанската комора на Северна Македонија. Традиционалните начини на решавање на споровите преку суд не се секогаш најдоброто решение, напротив. Светските трендови покажуваат сé поголемо користење на алтернативните методи за решавање на споровите меѓу деловните субјекти, како што е арбитражата. Едноставно, не ни треба никој за помош, ако ние самите не си помогнеме и во услови на несовршено функционирање на правосудството не почнеме интензивно да ја користиме арбитражната клуаузула во трговските договори, договорите за јавните набавки, договорите за државна помош и многу други спорови за права за кои не е пропишана исклучива надлежност на суд, вели потпретседателката на Стопанската комора.

Просечното времетраење на постапките кои се водат пред Постојаниот избран суд – Арбитража постојано се намалува и во 2020 година изнесува 184 дена, односно приближно шест месеци. Според Милевска Штрбевска, тоа е доказ за брзината и ефикасноста на арбитражата наспроти просечното времетраење на судските постапки, кое согласно официјалните извештаи на Судскиот совет, е за два, три и повеќе пати подолго во различни квартали во споредба со арбитражните постапки.

– Еден аргумент плус зошто треба да се користи арбитражата, како ефикасен и сигурен метод за решавање на споровите е и фактот што од воспоставувањето на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора до денес немаме ниту една поништена арбитражна одлука од страна на надлежен суд, иако таква можност постои доколку се исолнети законските основи од Законот за парнична постапка или Законот за меѓународна трговска арбитража на РС Македонија, како за домашни, така и за спорови во меѓународен елемент, додава Милевска Штрбевска.

Интересни се податоците од работата на Постојаната арбитража при Стопанската комора на Македонија која до 1993 година била надлежна само за домашните спорови меѓу деловните субјекти, а од тогаш наваму и за споровите со меѓународен елемент. Најкратката постапка пред арбитражата завршена со правосилна и извршена арбитражна пресуда траела 97 дена, а најдолгата 372 дена. Најмалата вредност на спор за долг пред Арбитражата изнесувал 2500 евра, а најголемата била околу осум милиони долари. Од вкупниот број поведени постапки пред арбитражата, 43 отсто се со меѓународен елемент, а останатите 57 проценти се домашни спорови.

Елена Милевска Штрбевска од 10 јуни е потпретседател на Стопанската комора на Македонија. На оваа функција беше избрана од Собранието на Комората.

Мирјана Чакарова за МИА